Новинарите надвор на штрајк, а истражителите од СЈО внатре во редакциите на МПМ
Штрајкот е последната мерка на која се одлучија, нагласуваат новинарите,, бидејќи нема ништо од основното начело според кое новинарите треба да работат во медиуми каде што се обезбедени основните права и слободи, каде што се гарантирани нивните професионални и материјални услови за работа, каде што постои солидарност меѓу нив во случаи на прекршување на слободата на изразување и каде што се потврдени професионалните стандарди, етиката и интегритетот на новинарската професија.
Вработените во редакциите на дневните весници: „Утрински весник“, „Дневник“ и „Вест“, кои се во составот на фирмата „Медиа принт Македонија“ (МПМ), денеска штрајкуваат поради тоа што компанијата сè уште не им ја исплатила последната плата во законскиот рок и поради, како што велат, лошите работни услови. Штрајкот денеска ќе трае четири часа, односно до 14:00 часот, а од понеделник, како што најавија тие, за остварување на своите права ќе штрајкуваат дневно по шест часа.
Ова е последната мерка на која се одлучија, нагласуваат тие, бидејќи нема ништо од основното начело според кое новинарите треба да работат во медиуми каде што се обезбедени основните права и слободи, каде што се гарантирани нивните професионални и материјални услови за работа, каде што постои солидарност меѓу нив во случаи на прекршување на слободата на изразување и каде што се потврдени професионалните стандарди, етиката и интегритетот на новинарската професија.
Во меѓувреме се огласи Здружението на новинари на Македонија кое потенцира дека го поддржува штрајкот на новинарите од трите весници на издавачот „Медиа принт Македонија“ и го повикува менаџментот на компанијата веднаш да ги исполни барањата на Штрајкувачкиот одбор за исплата на заостанатите плати и хонорари.
„Ги потсетуваме сопствениците на „МПМ“ дека кршењето на социјалните права
на новинарите не е само прекршување на работничките права, туку e и силен удар врз слободата на медиумите. Ја повикуваме целата новинарска и медиумска заедница да го поддржи штрајкот на новинарите од весниците „Дневник„, „Утрински весник“ и „Вест“ со цел да престане праксата медиумите да служат како средство за поткусурување заради интересите на сопствениците на медиумите и власта. Нивните политички и економски интереси не смеат да се прекршат врз грбот на новинарите“, истакнува ЗНМ во денешното соопштение.
ЗНМ, исто така, нагласува дека силно ги поддржува напорите на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници за изнаоѓање решение за исплата на заостанатите плати и хонорари на новинарите и дописниците.
Во текот на денот, пак, како што потврдуваат вработените во овие весници, активности во просториите на редакциите на дневните весници презедоа и истражители од Специјалното јавно обвинителство,
Инаку, на само еден ден пред најавата за штрајк, Јордан Камчев со фирмата „Орка холдинг“ и Јана Станисавлјева со фирмата „Интернет инвестмент груп“ излегоа од сопствеништво на компанија „Графички центар“ која го поседува „МПМ“, а сега сопственици на „Графички центар“ се „Телеграф“ и „Мирекс плус“.
А. Б.