/ Прочитано:

2.408

Новинарот Зоран Божиновски, осомничен во „Шпион“, е предаден на македонските власти

„Осомничениот треба да биде изведен пред истражен судија кој е надлежен да постапува во предметот. Потоа Судот треба да донесе решение за продолжување на истражната постапка кое ќе го достави до Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за да може Обвинителството да продолжи да постапува по предметот“, велат од Обвинителството.

Зоран Божиновски

Притворот, во траење од 30 дена, за новинарот Зоран Божиновски почна да тече од вчера откако тој, како осомничен во случајот „Шпион“, по меѓународна потерница издадена на 19 ноември 2013 година, беше уапсен вчера во Нови Сад, Србија од страна на српската полиција, по што и доцна синоќа им бил предаден на македонските власти.

На Божиновски Кривичниот суд му има определено мерка притвор од 18 ноември 2013 година, која според решението на судот треба да почне да се применува од денот на неговото пронаоѓање и лишување од слобода.

Според неофицијални информации тој веќе е спроведен во затворот „Шутка“ на издржување на мерката притвор. Иако се обидовме за овие информации да добиеме потврда од директорот на затворот, не добивме одговор на прашањето дали Божиновски е во притворското одделение.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, изјави дека од српското МВР вчера добиле информација дека Божиновски е уапсен.

„Нашата улога беше лицето да го преземе од граница и да го спроведеме во затворот ’Шутка’, додека сите други прашања во однос на целата постапка за екстрадиција мора да ги упатите до Министерството за правда“, рече Спасовски.

Божиновски е осомничен во случајот „Шпион“, но постапката за него беше раздвоена поради тоа што им беше недостапен на органите на прогон.  Тој се товари дека ги сторил делата: злосторничко здружување од чл. 394 ст. 2, шпионажа од чл. 316 ст. 3 в.в со чл. 45 од КЗ и кривично дело уцена од чл. 259 ст. 2 в.в ст. 1 в.в со чл. 19 д КЗ.

Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, кое го води предметот „Шпион“, велат дека постапката за Божиновски се води по стариот Закон за кривична постапка.

„Осомничениот треба да биде изведен пред истражен судија кој е надлежен да постапува во предметот. Потоа Судот треба да донесе решение за продолжување на истражната постапка кое ќе го достави до Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за да може Обвинителството да продолжи да постапува по предметот“, велат од Обвинителството.

Новинарот беше уапсен во Нови Сад, Србија, и во 2013 година, но тамошниот суд ја усвои неговата  жалба, по што тој го напушти екстрадициониот притвор каде што помина 11 месеци, со обврска да се јавува во тамошната полициска станица на секои 15 дена. Како гаранција дека нема да ја напушти земјата, му беше одземена и патната исправа.

М. С.

„Шпион“