Новинарските организации очекуваат прифаќање на клучните забелешки на Законот за медиуми
Среда, 17 април 2013 – Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија (ССНМ), Македонскиот Институт за медиуми (МИМ) и Центарот за развој на медиуми (ЦРМ) денеска оценија дека министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски направил добар чекор со најавата за продолжување на јавната дебата за Законот за медиуми.
„Иако нашето барање беше дебатата да трае 3-5 месеци за да се овозможи сериозен инпут и дискусија околу предложените решенија, сепак сметаме дека Владата овозможува поразумен рок од претходно најавениот. Ќе направиме се што е во наша моќ на конструктивен начин да го коментираме предложениот текст“, се наведува во соопштението од ЗНМ.
Го повикаа Министерството за информатичко општество и администрација на поголема отвореност и еднаков третман на сите актери во заедницата, со можност сите забелешки да се вкрстат на јавна сцена.
„Сметаме дека одговорноста на Министерството за овозможување целосна партиципативност останува. Очекуваме дека Владата сериозно ќе ги разгледа забелешките што ќе произлезат од јавната расправа и клучните забелешки ќе ги прифати“, се наведува во соопштението.