/ Прочитано:

5.373

Новините и законското објаснување на измените во Законот за административните службеници

Предложените измени на Законот, се вели во законското образложение на Предлог-законот за административните службеници кој е предложен во Собранието на РМ, ќе овозможат подобри услови за напредување во кариерата кај државните службеници кои години наназад немале можност за унапредување, а сепак ги поседуваат потребните компетенции, вештини и работно искуство за одредена работна позиција.

„Досегашната примена на Законот за административни службеници предизвика тешкотии особено во постапките за селекција на кандидати за вработување, унапредување и оценување на административните службеници. Кандидатите треба да ги исполнуваат општите и посебните услови за објавеното работно место, што може да се утврди при административната селекција во која се проверува поседувањето докази за нивно исполнување и при проверката на теоретските знаења за работа во администрација, преку испитот за административни службеници. Она што е најзначајно во постапката за селекција и што навистина може да биде гаранција дека е избран најдобриот кандидат е спроведување на структурирано интервју, од страна на стручна и објективна комисија за селекција, во која ќе се проверат компетенциите (знаењата, вештините и ставовите) потребни за извршување на работите и работните задачи на работното место кое се пополнува. Делот од испитот за проверка на интелектуалниот капацитет (кој е составен дел на испитот за административен службеник) и тестот на личност, содржани во актуелниот Закон за административни службеници, само ја усложнуваат и одолговлекуваат постапката за селекција на кандидати за вработување, а притоа значително не придонесуваат за вработувања во администрација врз основа на заслуги“, се вели во законското образложение.

Дополнително, се додава во образложението, посебните услови што се однесуваат на поседување на меѓународно признати сертификати за познавање на еден од трите најчесто користени јазици во ЕУ (англиски, француски и германски) и меѓународно признатите сертификати за познавање на работа со компјутерски програми за канцелариско работење не придонесуваат за избирање на најкомпетентните административни службеници.

„Напротив, многумина од кандидатите кои поседуваат потребни квалификации и солидни работни вештини за конкретно работно место се демотивирани да се пријавуваат на јавните огласи за вработување на административни службеници. Дотолку повеќе што полагањето на меѓународно признати испити е на трошок на кандидатот, што претставува дополнително финансиско оптоварување за потенцијалните заинтересирани во услови кога немаат извесност за сигурно вработување“, се посочува во законското образложение.

„Во однос на постапката за унапредување, сегашното ригидно решение, во согласност со кое административен службеник може на интерен оглас да се унапреди само во едно повисоко ниво, доведува до неможност за кариерен развој на административните службеници кои подолго време се на најниски нивоа во рамки на категоријата, а притоа поседуваат компетенции и потребно работно искуство и за неколку нивоа повеќе. Исто така, определбата од Законот за вработените во јавниот сектор за процентуално намалување на бројот на упразнети систематизирани работни места (кој заклучно со 2019 година треба да изнесува само 10% повеќе во однос на пополнети работни места) доведе до тоа во правилниците за систематизација на работни места во институциите од јавниот сектор не секогаш да ги има сите нивоа, што исто така оневозможува спроведување постапки за унапредување на административните службеници. Како краен ефект се добива демотивираност на дел од вработените и заминување на квалитетни кадри од јавниот сектор“, се вели во образложението.

„Дополнително, во Законот за административни службеници, регулирано е дека управувањето со ефектот на административните службеници (определување на работни цели, утврдување на индивидуален план за стручно усовршување и постапката за оценување) резултира со мерки за одличен и слаб ефект. Ако целта на оценувањето е подобрување на личната изведба, со што би се подобриле резултатите на организациско, но и на ниво на јавна администрација, тогаш сигурно е дека веројатноста за изрекување на мерки за слаб ефект не придонесува за нејзино остварување. Напротив, ваквото законско решение само создава притисок и чувство на несигурност кај вработените, со што се намалува мотивацијата за подобри резултати и реализација на планираното, а со тоа се намалува и квалитетот на услугите кон граѓаните и бизнис заедницата, што е основната мисија на јавната администрација. Мерката за одличен ефект, во форма на надоместок за успешност во работењето, треба да e предмет на регулирање во Главата ‘Плати и надоместоци на плати’ од Законот за административни службеници, додека мерката за слаб ефект треба да биде соодветно поместена  во Глава XV ‘Престанок на работниот однос на административните службеници’, како еден од основите за престанок во други случаи утврдени со овој закон“, се додава во законското образложение.

Законското објаснување на содржината на одредбите на измените на Законот за административни службеници:

„Со членот 1 се брише една од надлежностите на Министерството за информатичко општество и администрација која се однесува на формирање и ревидирање на базите на прашања за тестот на личност.

Со членот 2 се брише дел од една од надлежностите на Агенцијата за администрација која се однесува на спроведување на дел од испитот за административен службеник за проверка на интелектуалниот капацитет и на спроведување на тестот за личност на административните службеници.

Со член 3 се додава АПТИС – еден од меѓународно признатите сертификати, што претставува доказ за познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски, германски).

Со членовите 4, 5 и 6 се утврдуваат посебните работни компетенции за сите нивоа на раководни, стручни и помошно-стручни административни службеници.

Со членот 7 се брише дел од одредбата од членот 36 со која е уредено познавањето на странски јазик – податок кој кандидатот го внесува во пријавата за вработување, а претставува посебен услов за вработување на административен службеник.

Со членот 8 се реструктруира постапката за селекција на кандидати за административни службеници, така што наместо четири фази таа се состои од три и тоа: административна селекција, испит за административен службеник и проверка на веродостојност на докази и интервју, а терминот работни места се заменува со терминот извршители, од причина што за едно работно место може да бидат предвидени повеќе извршители.

Со членот 9 се бришат одредбите за меѓународно признатите сертификати како доказ за познавање на странски јазик на утврдено ниво на работно место и за познавање на работа со компјутерски програми за канцелариско работење, бидејќи нивното поседување претставува финансиско оптоварување за кандидатите, а притоа природата на административното работење не бара толку високи стандарди во однос на овие посебни компетенции. Терминот работни места се заменува со терминот извршители, од причина што за едно работно место може да бидат предвидени повеќе извршители.

Со членот 10 се менува постојниот член 40 со кој се уредува втората фаза од постапката за селекција на кандидатите – испитот за административен службеник. Со предложеното решение од испитот за административен службеник се исклучува делот за проценка на интелектуалниот капацитет (матрица за когнитивни способности и тест за силогизми), а се воведува дел за проверка на кандидатите за познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски, германски), во вид на компјутерско тестирање.

Со членот 11 се бришат зборовите „и тестови“, бидејќи Предлог-законот не предвидува полагање на тестови.

Со членот 12 се бришат зборовите што се однесуваат на тестови, бидејќи Предлог- законот не предвидува полагање тестови. Исто така, се предлага да се укине блокирањето на просторијата во која се спроведува испитот за административен службеник, од причина што не е возможно блокирање само на просторијата во која се полага испитот, туку се блокира и просторот околу неа, што предизвикува попречување на користење на мобилната мрежа и на други корисници, надвор од просторијата. Фреквенциските опсези кои се во сопственост на мобилните оператори и секое попречување предизвикуваат интерференција во мрежата, со што се ограничува и правото на користење на услугите од мобилните оператори пошироко од потребниот опсег што ги засега правата на мобилните оператори.

Со членот 13 се врши менување на членот 42 кој се однесува на фаза 3 – проверка на веродостојност на докази и интервју и едновремено се врши усогласување на текстот на одредбата со Одлуката на Уставниот суд („Службен весник на Република Македонија“ број 2/2017) и со членот 15 од овој закон со кој се брише тестот на личност.

Со членот 14 се брише одредбата за спроведување фаза 4 – тест на личност.

Со членот 15 се дополнува одредбата за унапредување на административен службеник, така што покрај унапредување во едно непосредно повисоко ниво, се овозможува и унапредување во најмногу три нивоа, но во рамки на иста категорија во која е работното место за кое е објавен интерен оглас.

Со членот 16 се менува законското решение што се однесува на составот на Комисијата за селекција за унапредување.

Со членот 17 се брише одредбата со која се утврдени мерките за одличен и слаб ефект.

Со членовите 18, 19, 20 и 22 се врши усогласување на Законот за административни службеници со Законот за изменување на Законот за основно образование („Службен весник на Република Македонија“ број 67/2017) и Законот за изменување на Законот за средно  образование („Службен весник на Република Македонија“ број 67/2017) со кои се укина екстерното тестирање.

Со членот 21 се врши усогласување со членот 18 од Предлог-законот, со кој се бришат одредбите за одличен и слаб ефект на административните службеници.

Со членот 23 се врши уредување на надоместокот за успешност на работењето на административниот службеник, што претставува мерка за стимулирање и мотивирање на административните службеници за остварување на подобри резултати во работењето.

Со членот 24 се определува дека во случај кога административниот службеник два пати последователно или три пати во пет години биде оценет со најниската оценка „Д“, му престанува работниот однос.

Со членот 25 со кој се вршат измени во член 101 од Законот за административните службеници се врши усогласување со претходните измени во текстот на овој Предлог-закон за измени и дополнувања на Законот за административните службеници, односно се укинуваат прекршочните одредби за тестовите, за реализација на мерките за одличен и слаб ефект и за блокирање на радиофреквенцискиот опсег во просторијата за полагање на испит за административен службеник.

Со членот 26 кој се однесува на членовите 4, 5, 6 и 8, а со кои членови се определени условите во однос на познавање на странски јазик се определува одложена примена на бараните услови. Оваа одложена примена е неопходна од причина што правната сигурност за идните кандидати за вработување во јавниот сектор треба да биде јасно и недвосмислено утврдена.

Образложението во однос на одложната примена на одредбите што се однесуваат на условите утврдени со член 27 се однесува и на членот 28, но конкретно за исполнување на условот за положен испит за административно управување. Во периодот од донесување на законот, до денот на примената ќе се обезбедат соодветни услови за полагање на испит за административно управување.

Имајќи предвид дека се вршат измени и дополнувања во однос на посебните услови за сите категории на административни службеници коишто институциите ги определуваат и во своите акти за систематизација на работните места, во членот 29 е предвиден рок за нивно усогласување со предложеното законско решение.

Со член 30 се уредуваат последиците од постапката за оценување на административните службеници за 2016 и 2017 година, односно недонесувањето на: решение за реализирање на мерките за одличен и слаб учинок, решение за надоместокот за успешност во работењето и решение за престанок на вработувањето.

Со член 31 се определува влегувањето во сила на овој закон.“

М.В