/ Прочитано:

1.755

Новините во измените на Законот за одбрана кој е во собраниска процедура

Измените на Законот за одбрана се на дневен ред на собраниската Комисија за одбрана и безбедност. Законот за одбрана се менува и се дополнува со цел да се усогласи законодавството од областа на одбраната со обврските и правилата во НАТО, особено во сегментот на применливоста на членот 5 од Договорот.

Измените се вршат и заради законско уредување на донесувањето на темелните стратегиски документи во одбраната и доуредување на надлежностите на органите на државната власт во остварувањето на одбраната во смисла на членот 5 од Северноатлантскиот договор.

„Со цел активирање на членот 5 од Договорот, во измените и дополнувањата на Законот за одбрана се предлага уредување на надлежноста за предлагање и за донесување на одлука за упатување на барање до НАТО за помош за одбрана на Република Северна Македонија.

Во оваа смисла се предлага уредување на надлежноста на Владата за одлучување за влегување и излегување на вооружени сили на странски држави внатре и надвор од територијата на Републиката, поминување или престој во врска со учество на вежби, обука, хуманитарни операции, меѓународни операции, НАТО мисии и операции и во примената на правото на индивидуална или колективна самоодбрана, операции за кризен менаџмент и кооперативна безбедност, како и во команди, штабови и воени единици на меѓународни организации на територијата на Републиката.

Се предлага надлежност на Владата за одлучување за воспоставување и престој на команди, штабови и воени единици на меѓународни организации на територијата на Република Северна Македонија.

Се предлага уредување на надлежност на Владата да донесува одлуки кои се однесуваат на испраќање на припадници на Армијата и вработените во Министерството за одбрана надвор од територијата на Републиката за учество на вежби, обука, во НАТО мисии и операции и во примената на правото на индивидуална или колективната самоодбрана, како и операции за кризен менаџмент и кооперативна безбедност, односно надлежност на Собранието за донесување одлуки за испраќање на припадници на Армијата и вработени во Министерството надвор од територијата на Републиката за учество во меѓународни операции. Исто така се предлага упатувањето на припадниците на Армијата во овие активности да биде на задолжителна основа“, се вели во законското образложение.

„Влегуваме во последната фаза на ратификации на Протоколот за наше полноправно членство во НАТО, но влегуваме и во фазата на последни чекори пред нашето исполнување на обврските. Еден од тие чекори е носење на измени и дополнувања на Законот за одбрана, каде што како држава покажуваме дека веќе не сме сами и дека од самоодбрана преминуваме во еден колективен систем на самоодбрана, во којшто нападот на која било членка на НАТО значи напад на сите и значи дека сите би се мобилизирале за помош. Истиот принцип го вградуваме и во нашиот Закон за одбрана и предвидуваме многу јасна процедура, на каков начин нашата држава може да побара помош од НАТО, барање за реакција на НАТО, а и на каков начин ние ќе ги носиме одлуките за учество во одредени НАТО операции.

Најголемата промена се состои во тоа дека Собранието и Владата ќе продолжат да соработуваат на овие теми, но одлуката за учество во НАТО операции ќе ја носи Владата, а секоја година ќе поднесува целосен извештај за сите учества на сите операции до Собранието. Сите други мисии, од типот на Обединети нации, учество на мисии на ЕУ, остануваат и понатаму да се одлучуваат по сегашната постапка, тие се предлог на Владата, а понатаму стануваат точка на дневен ред и на Собранието“, вели министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

Измени на Законот за служба во АРМ за упатувањето воени старешини во странство

Измени на Законот за одбрана за непречено распоредување на силите на НАТО низ земјата

М.В