/ Прочитано:

511

Новините во предложените измени на Законот за хартии од вредност

Основните цели на измените на Законот за хартии од вредност кои се во собраниска процедура се да се овозможи домашни и странски берзи и депозитари да бидат основачи односно акционери во депозитар; да се  доуреди водењето и управувањето на пoсебната сметка на која клиентите ги уплаќаат своите парични средства и да се продолжи рокот за задолжителна котација, заради поголема транспарентност на друштвата преку воведување на обврска за нивна задолжителна котација.

Поконкретно, со членовите 1 и 2 од Предлог – законот се  менуваат членовите 34 и 35 од постојниот закон кои се однесуваат на основање и акционерство во депозитарот за хартии од вредност. Со предложените измени се овозможува освен брокерски куќи, банки, друштва за осигурување, друштва за управување со отворени и затворени инвестициски фондови како основач и акционер во депозитарот да можат да бидат и домашни и странски берзи и депозитари. На овој начин се врши либерализација на пазарот, што е и во насока на поголем техничко-технолошки развој на пазарната инфрструктура во областа на пазарот на капитал, преку влезот на потенцијални странски инвеститори.

Со членовите 3 и 4 од од предлогот на законот се менуваат постојните членови 45 и 87 од законот, кои се однесуваат на забраната на депозитарот да не смее да купи или на друг начин да стекне или поседува какви било хартии од вредност за сопствена сметка, доколку ги регистрира тие хартии од вредност во својот систем, односно забраната на берзата да не може да купува или на друг начин да стекнува или поседува какви било хартии од вредност за сопствена сметка преку трговска трансакција која се врши на таа берза. Со измените се овозможува по исклучок од оваа забрана депозитарот односно берзата да може да купуваат или на друг начин да стекнуваат или поседуваат и хартии од вредност издадени од други берзи и депозитари, со добиена дозвола за работење од орган надлежен за издавање на дозвола за работење на овие субјекти.

Со членот 5 од предлог законот се менува член 123 од постојниот закон кој се однесува на паричните средства на клиентот. Со предложената измена се врши прецизирање на намената на паричните средства на клиентите односно и се дава надлежност на Комисијата за хартии од вредност да го пропише управувањето на посебната сметка на која се водат паричните средства на клиентите на брокерската куќа. Потребата од оваа измена произлегува од воспоставената пракса од страна на овластените учесници на пазарот на хартии од вредност да ја користат одредбата да постапуваат по инструкции на клиентот, па во согласност со клиентите овие средства не ги префрлаат и истите ги чуваат на клиентската сметка. Поради тоа, со предлог законот се дава надлежност на Комисијата за хартии од вредност на оперативно ниво да го доуреди управувањето со посебната сметка на овластените учесници.

Со членот 6 од предлог законот се продолжува рокот за задолжителна котација за период од уште две години, односно до 30 април 2024 година.

Со членот 7   се уредува влегувањето во сила на предложените измени.

Измените на Законот за хартии од вредност во собраниска процедура

Измени на Законот за хартии од вредност за либерализација на пазарот

М.В