/ Прочитано:

6.120

Новините во Законот за работните односи изгласани во Собранието на РМ

На 50-тата седница на Собранието на Република Македонија пратениците ги изгласаа измените на Законот за работните односи, со кои се предвидуваат повеќе важни новини во работните односи, меѓу кои новини за договорот за вработување, за годишниот одмор, за исплатата на приправниците, за пробната работа и за испратнината.

Со измените се доуредува прашањето со кое се проширува забраната за дискриминација на работниците вработени на определено време, и тоа  забраната да не се однесува само на условите на вработување, туку и во останатите права и обврски од работен однос.

Се пропишува дополнителна заштита за дете под 15 години возраст, или дете кое не завршило задолжително образование, во смисла тоа да може да учествува во активности кои со закон е утврдено дека може да ги извршува не подолго од 2 часа дневно, односно не подолго од 12 часа неделно, а за време на училишен распуст не подолго од 6 часа дневно, односно не подолго од 30 часа неделно, при што задолжително треба да му се обезбедат две непрекинати недели на одмор.

Понатаму, со измените се намалува времетраењето на рокот за пријавување на  јавниот оглас од 5 работни дена на 3 работни дена и предвидува обврзувачка содржина на договорот за вработување, со што работниците со потпишување на договорот точно ќе ги знаат правата и обврските во согласност со договорот за вработување.

Периодот на пробна работа се намалува од 6 на 4 месеци и се допрецизира причината кога работодавачот мора да го предупреди работникот во постапка пред откажување на договорот за вработување, односно при постоење на лична причина на страна на работникот.

Со измените се дава правен основ престанокот на работниот однос од деловни причини да се врши врз основа на критериуми утврдени со колективен договор и критериуми за заштита на инвалидни лица, самохрани родители и родители на деца со посебни потреби.

Исто така, со измените се врши утврдување на рокот во кој работникот треба да го подобри своето работење (15 дена од приемот на писменото предупредување дадено  од страна на работодавачот). Со ова се  воведува разумен рок со цел да се избегнат злоупотребите од страна на работодавачите отказот да го даваат набрзо/непосредно по дадено предупредување.

Со измените се прецизираат и одредбите во врска со минималните отказни рокови, при што во случај на откажување на договорот за вработување од страна на работникот, отказниот рок е еден месец, но само во случаи по писмено предупредување и ако не настанала некоја од причините предвидена со членот 100 (необезбедување на работа повеќе од 3 месеци, исплаќање на намалена плата најмалку 3 месеци, необезбедување на заштита при работа на работникот откако истиот ја побарал и сл.).

Понатаму, со измените се изедначуваат роковите за застареност на отказот на договорот за вработување поради причини на вина од страна на работникот со рокот на застареност од лични причини и се дополнуваат одредбите со коишто се обезбедува заштита од злоупотреба од страна на работодавачот при отказ на договорот од деловни причини, како и дополнителна заштита на работникот на кој му престанал договорот за вработување од деловни причини со давање на приоритет за вработување при потреба за вршење на истите работи.

Во измените има новини во однос на регулирањето на исплатата на испратнината во случај на откажување на договорот за вработување од деловни причини, при што висината на испратнината се зголемува од 12,5% до 25% во зависност од годините поминати во работен однос.

Со измените се прецизира рокот за поднесување на писмена изјава за продолжување на договорот за вработување и се зголемува процентот на  минималниот износ на плата за приправник од 40% на 70%.

Исто така, со измените се допрецизира значењето на терминот соодветна храна за работник кој работи ноќно време, преку утврдување на надоместок на трошоци за исхрана во висина од 20% од просечната нето-плата по работник  исплатена во Република Македонија во претходната година, и тоа само за деновите кога работникот работи ноќе. Со истиот член се прецизира дека работникот не може да се распореди на ноќна работа доколку нема јавен превоз, а работодавачот не обезбедува услови за  превоз до и од  работа.

Со законските новини се овозможува еднаквост на правото на користење на годишен одмор на работниците кои работат шест дена во неделата со работниците кои работат пет дена во неделата.

Со измените се надминува неусогласеноста на одредбите во поглед на времетраењето на делот на годишниот одмор кој треба да биде искористен во текот на календарската година за која се дава одморот.

Јавна расправа за потребните измени на ЗРО: Да се гарантира заштитата на работничките во случаите на бременост и породилно отсуство

Зголемување на минималниот износ на плата за приправник од 40 % на 70 % се предлага во измените на ЗРО

ИЗМЕНИ НА ЗРО: Новини за договорот за вработување, годишниот одмор, исплатата на приправниците, пробната работа, испратнината

Се подготвуваат измени на Законот за работните односи

M.В