/ Прочитано:

5.647

НОВИНИТЕ ВО ЗАКОНОТ ЗА УРБАНО ЗЕЛЕНИЛО: Градежни парцели со најмалку 20 % зеленило и воведување зелен катастар

Собранието на РМ го донесе Законот за урбано зеленило, со кој се воведува целосен систем за планирање, проектирање, подигање, одржување, заштита и реконструкција на зеленилото, финансирање и управување со зеленилото, како и надзор над примената на овој закон.

Типови на јавно зеленило

Урбаното зеленило, се пропишува во Законот за урбано зеленило, опфаќа јавно зеленило и останато зеленило. Типови јавно зеленило, според Законот,  се: парк; парк-шума; зелен плоштад; дрворед; зелен коридор; заштитно зеленило; неуредено зеленило и друго зеленило на јавни отворени простори.

Останато зеленило се зелените површини или земјиштето наменето за озеленување кои претставуваат придружна содржина на други основни намени, а се во сопственост на физички и правни лица или се дадени на нивно користење.

 Управување со зеленилото

Управувањето со зеленилото, што подразбира подигање, одржување, заштита и реконструкција на зеленилото, е во надлежност на општината, општините во Градот Скопје, Градот Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање.

Планирањето на зеленилото во границите на планскиот опфат на град во општините и Градот Скопје се врши со Генерален урбанистички план кој ги дава основните намени на просторот, во согласност со Стратегијата за развој на зеленилото.

Просторот предвиден за зеленило на ниво на град, генерално, се планира со Стратегијата за развој на зеленилото на подрачјето на градот, која се вградува во секој нов Генерален урбанистички план.

 Стандарди и нормативи за планирање и проектирање на зеленило

 Со Генералниот урбанистички план се одредува обемот на зелена површина по жител, што единицата на локалната самоуправа треба да го постигне во временскиот рок утврден со планската документација.

Пропишано е дека во процесот на урбанистичко планирање, при изработка на Генералниот урбанистички план, потребно е да се обезбеди 25 м2  зеленило по жител во рамките на планскиот опфат на град, како и обврската при изработка на деталните урбанистички планови и архитектонско-урбанистичките проекти, да се обезбеди најмалку 20 % зеленило на секоја градежна парцела. За градежните парцели кои се наоѓаат во градски подрачја каде што не постојат просторни можности за обезбедување на процентот за зелена површина или на локации со веќе изградени објекти може да се прави компензација со поставување дрвореди и зеленило во жардињери, на кровни тераси и фасади. Обемот на зелената површина ќе се дефинира со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, зависно од видот, намената и големината на локацијата, кој го пропишува министерот за  транспорт и врски.

Подигање на зеленилото

Подигање на зеленилото се врши врз основа на проектно-техничката документација за проектирање и подигање зеленило, која е составен дел на основниот проект за изградба на објект. Проектно-техничката документација се изработува во согласност со Правилникот за планирање, проектирање, подигање и одржување на зеленилото

Подигањето на зеленилото го врши јавно претпријатие формирано од општината или од Градот Скопје за вршење на работите од областа на озеленувањето, или правно лице кое е регистрирано за изведување на работите за озеленување и кое има вработено најмалку едно лице земјоделски или шумарски инженер со соодветна насока.

 Заштита на зеленилото и зелен катастар

Одржувањето на зеленилото е обврска на сите физички и правни лица, независно од типот на сопственоста. Заради заштита на зеленилото, општината или Градот Скопје формира зелен катастар. Во зелениот катастар, дрвјата, грмушките и другите повеќегодишни растенија се евидентираат според бројот, видот, возраста, состојбата и локацијата.

 Во Законот се вели дека заштитени се сите дрвја, како од јавните така и од приватните површини, со обем на стебло над 40 цм, мерено во висина од 1,3 м, освен овошките, дрвјата во малите градини и дрвјата во шумите.

Катастарот ги евидентира сите зелени површини, дрва, останати насади, инфраструктура во функција на зеленилото, ретки, ендемични, реликтни видови, како и капитални примероци од дрва кои подлежат на посебна заштита како природно и културно наследство, независно од нивната сопственост, но и придружните содржини на зелените површини (парковски, градинарско-урбанистички и други содржини) и претставува нивна лична карта.

Во Законот се пропишуваат и активности забранети на јавни зелени површини, а за непочитување на законските одредби предвидени се глоби од 50 до 5000 евра, од кои некои се однесуваат на физичките, а некои на правните лица.  Надзор над спроведувањето на овој закон вршат Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за транспорт и врски.

М.В