/ Прочитано:

1.067

Новините во Законот за здравствено осигурување чии измени се во собраниска процедура

Владата во Собранието на РМ предложи измени на Законот за здравствено осигурување. Со предложеното законско решение се воведува нова категорија осигурени лица, а тоа се децата со пречки во развојот и со специфични потреби за кои се користи право на посебен додаток и кои во дадени ситуации немаат основ на осигурување.

Со Предлог-законот се брише условот од шестмесечно континуирано плаќање придонес за здравствено осигурување, за остварување на правото на ортопедско помагало. На овој начин се олеснува постапката за остварување на правото на ортопедско помагало.

Со предложените измени на Законот за здравствено осигурување се поедноставува утврдувањето на Листата на лекови, со тоа што наместо 14 стручни комисии, а секоја одделно брои по 17 членови, министерот за здравство во иднина ќе формира една стручна комисија која ја утврдува Листата на лекови согласно со меѓународната АТЦ-класификација.

Со предложените измени, се вели во законското образложение, им се дава можност на осигурениците да остварат право на ортопедско помагало изработено од натстандарден материјал и да го доплатат износот со свои лични средства.

Поради истекот на важноста на електронската здравствена картичка, се предлага можност за користење на општоприфатениот електронски потпис.

Со новопредложената одредба која се однесува на ослободување од партиципација на одделни категории лица, се прецизира кои лица се ослободуваат и кој за нив ќе ги надомести трошоците на име партиципација.

Со предложените измени на законот во делот на меѓународно признатите сертификати за активно познавање на англискиот јазик од страна на директорот на Фондот, се додава сертификатот АПТИС, а се брише потребата од положен психолошки тест и тест за интегритет.

М.В