/ Прочитано:

1.455

Новиот европски патент-систем – позитивни и негативни страни

Судот како новоформиран ќе има свои правила и процедури базирани на правилата и законите поврзани со интелектуалната сопственост и ќе ги донесува своите одлуки првенствено врз основа на пишани докази и поднесоци, а во втор план ќе бидат усните искази, со тоа што сите докази мора да се поднесат пред почетокот на постапката.

ЕУ патент-систем

Патентната стратегија во Европа во скоро време има можност да стане или многу едноставна или многу сложена. Судот надлежен за патенти и за прашања поврзани со оваа материја за земјите членки на ЕУ, кој треба да биде формиран наскоро, и Организацијата на патенти во ЕУ се очекува во почетокот на 2017 година да почнат со примена на планот за реорганизација на европскиот патент-систем за кој е предвиден транзиционен период на подготовка од 7 години. За таа цел компаниите и адвокатските канцеларии кои се занимаваат со интелектуална сопственост имаат можност чекор по чекор да се приспособат на новиот систем.

Пред сè, се очекува да постои нов унифициран патент (UP – унифициран патент) кој ќе биде применуван во државите членки на ЕУ, кој ќе биде неделив и кој ќе биде под јурисдикција на Судот надлежен за патенти. Според новиот план, Судот ќе има надлежност за сите постојни европски патенти, освен ако сопственикот на патентот не преземе дејствие да го повлече на сопствено барање. Судот како новоформиран ќе има свои правила и процедури базирани на правилата и законите поврзани со интелектуалната сопственост и ќе ги донесува своите одлуки првенствено врз основа на пишани докази и поднесоци, а во втор план ќе бидат усните искази, со тоа што сите докази мора да се поднесат пред почетокот на постапката.

Секоја поведена постапка ќе се третира како поединечен случај, управувана од судија известител, која се предвидува да трае 1 година од почетокот на судењето.

Унифицираниот патент ќе биде разгледуван и одобруван од Европската патентна канцеларија и откако ќе биде одобрен, подносителот на патентот може да избира патентот да се води како унифициран патент или како индивидуален, според правото на земјата членка од каде што доаѓа сопственикот на патентот. За компаниите и за адвокатските фирми кои се занимаваат со оваа материја новиот систем во иднина ќе донесе нови и повисоки трошоци кои се очекува да пораснат за 25 %.

Новиот систем ќе овозможи поголема хармонизација на внатрешниот пазар на Европа, а со тоа и приближување кон САД и Кина, односно кон нивните системи на интелектуална сопственост.