/ Прочитано:

1.695

Новиот Папа треба да го „обели образот“ на Ватикан

Четврток, 14 март 2013 – Новиот поглавар на Римокатоличката црква Хорхе Марио Берголио со папско име Франсис, кој го наследи Бенедикт Шестнаесетти, се соочува со многу предизвици, како што е одливот на верниците или серијата случаи на педофилија, чие надминување ќе придонесе за враќање на угледот на црквата. Црна дамка во неговата кариера е книгата „Тишина“ на аргентиски новинар кој пишува за наводната поврзаност со новиот Папа во киднапирањето на двајца свештеници за време на „Држаниот удар“ во Аргентина, 70-тите од минатиот век. 

Наследникот на Бенедикт Шестнаесетти ќе има тешка задача да го „обели образот“ на Ватикан, со оглед на медиумските натписи и последните случувања што го тресеа Ватикан. Римокатоличката надбискупија во Лос Анџелес ќе плати речиси 10 милиони долари во спогодбата за четирите случаи со сексуално малтретирање малолетни момчиња од страна на бившиот свештеник Мајкл Бејкер. Исто така црквата на 15 кардинали им купила луксузни станови во зграда во Рим во која се наоѓа најголемата сауна за хомосексуалци во Италија, пишуваат медиумите.

Новиот Папа има докторат по теологија, а кардинал стана пред 12 години. Важи за скромен човек кој за разлика од неговите претходници не уживал во луксузни работи туку на работа одел со автобус, сам си готвел и редовно ги посетувал сиромашните квартови на Буенос Аирес.

Работел на подобрување на угледот на црквата која загубила многу верници, бидејќи отворено не застанала против диктатурата во Аргентина позната како „Државниот удар“ во седумдесетите години од минатиот век. Скоро никогаш не давал интервјуа и никогаш не се бранел од критиките за неговите конзервативни ставови во врска со контрацепцијата и легализацијата на хом сексуалните бракови. 

Кој е  новиот Папа?

Хорхе Марио Берголио е роден 1936 година во Аргентина. Иако требало да биде хемичар, во 1958 година започнал да студира теологија, а доаѓа од редовите на Језуитите. По студирањето во Германија во 1992 година станува бискуп во Буенос Аирес, а во 1998 година и надбискуп. Таа функција ја извршува се до вчера, кога беше избран за Папа на Римокатоличката црква.

Се смета дека е многу близок до конзервативните ставови на Католичката црква и дека е голем поборник и активен учесник во кампањата против сиромаштијата во светот. Кога станал кардинал во 2011 година ги повикал верниците наместо да патуваат во Ватикан за да го прослават тој важен настан, да останат во своите домови и парите кои би ги потрошиле за патувањето да ги донираат во хуманитарни цели.

Како голем поддржувач на конзервативните ставови на Католичката црква, тој остро се противи на абортусот, контрацепцијата и геј браковите. Пред три години поради својата изјава дека посвојувањето деца од страна на хомосексуални парови е дискриминација на децата, заработи остри критики од јавноста.

Иако се противи на геј браковите, за лицата со хомосексуална ориентација смета дека треба да бидат прифатени во општеството и дека секој облик на дискриминација кон нив треба да се избегнува. Сепак, неговите ставови за истополните бракови, го доведоа до еден своевиден „конфликт“ со аргентинските власти, посебно кога во 2010 година отворено се спротивстави на легализацијата на истополните бракови.

Најконтроверзниот настан поврзан со неговата досегашна работа се случил во 2005 година, кога еден адвокат за човекови права поднел кривична пријава против Бергољио, обвинувајќи го за наводно учество во киднапирањето на двајца језуитски свештеници од страна на воената хунта во 1976 година.

Хорацио Вербитски, аргентински новинар и истражувач напишал книга на оваа тема тајните врски на црквата со „ЕСМА“ – морнаричко училиште кое се користело како затвор за време на владеењето на хунтата, кој уште се нарекува и „Аргентински Аушвиц“. До денес случајот не е расчистен, меѓу другото и заради тоа што самите жртви на киднапирањето одбрале да молчат.

Aргентинскиот новинар ја напишал книгата  со наслов „Тишина“ според раскажувањето на еден од киднапираните свештеници кои преживеал 5 месеци во „Аргентинскиот Аушвиц“. Во книгата сегашниот Папа се поврзува со киднапираните свештеници во 1976 година. Овој период од историјата на Аргентина е познат и како гнасен или валкан период, во кој биле убиени и затворени голем број на неистомисленици на воената диктатура, проследено преку кршење на основните човечки права. Се смета дека жртви на режимот биле околу 10.000 до 30.000 население.