Новиот Предлог-закон за енергетска ефикасност на собраниска седница
Новиот Закон за енергетска ефикасност, кој е во фаза на прво читање, е на дневен ред на денешната собраниска седница. Предлагач на Законот е Владата.
„Предложениот пакет законски решенија беше избран за да одговора на контекстот и условите во Северна Македонија, по екстензивни консултации со засегнатите страни и анализи за време на подготовката на овој закон. За да се воспостават услови за имплементација на мерки за енергетска ефикасност, потребно е да се оформи потребното законодавството со истовремено транспонирање на директивите“, се вели во законското образложение.
Целите на овој закон се во контекст на постигнување на сообразност со обврските кои Република Северна Македонија ги презела во рамките на законодавството на Енергетската заедница на начин кој е конзистентен со националната енергетска политика.
Конкретно, се вели во образложението, Законот има цел:
- да ги отстрани регулаторните и нерегулаторните бариери што го попречуваат спроведувањето на мерки за енергетска ефикасност и проекти за енергетска ефикасност;
- да ја зајакне соработката меѓу потрошувачите, производителите, снабдувачите на енергија, обезбедувачите на енергетски услуги, централните и локалните власти, во насока на постигнување на целите и таргетите во полето на енергетска ефикасност;
- да промовира користење на високоефикасни технологии, системи за управување со енергијата и системи за мониторинг на енергетските заштеди;
- да го зголеми користењето на енергија од обновливи извори од страна на крајните корисници;
- да овозможи користење на финансиски механизми и поттици за спроведување на мерки за енергетска ефикасност и
- да го развие пазарот на енергетски услуги и обезбедување на енергетски услуги.
М.В