/ Прочитано:

2.499

Новиот претседател на АКРМ, Никола Додевски: Освен на ЗАМ, приоритет ќе му дадам и на враќањето на угледот и единството на адвокатската фела

Адвокатската комора на РМ (АКРМ) на 16 февруари доби ново раководство на чело со скопскиот адвокат Никола Додевски. Судејќи по моментните состојби во адвокатурата, го чека многу работа ако сака да ја оправда довербата на своите колеги. Ги отфрла сомнежите дека бил избран на нерегуларен начин и посочува дека пасивноста на адвокатите мора да премине во активност. Главен приоритет му  е Законот за адвокатските маркички (ЗАМ), но и враќање на угледот и единството на адвокатската фела. „Да ја вратиме позитивната енергија во адвокатурата. За жал, морам да констатирам дека владее негативна енергија“, укажува тој.  

Како нов претседател на АКРМ, сигурно размислувате за или веќе имате некаков концепт за работа. Што Ви е главен приоритет во престојниот мандат?

Главен приоритет е проблемот со ЗАМ, за што и пред да бидам избран за претседател се ангажирав. Всушност, јас сум еден од изготвувачите на иницијативата што беше поднесена пред Уставниот суд на РМ, а се разбира и нејзин потписник. Значи, тоа што сум го мислел за Законот сум го кажал јавно и пред Уставниот суд — а тоа е дека најзначајните одредби не се во согласност со Уставот. Очекувам залагањето да биде успешно: како што сакам да го добијам спорот во постапките, сакам и пред Уставен суд да имаме резултат кој ќе помогне да ги надминеме недореченостите околу ЗАМ. Сам по себе, Уставниот суд нема да го реши прашањето за проблемите за начинот на плаќање итн. Сметам дека ние треба да заземеме цврст став, бидејќи ако сакате да се залагате за нешто, особено ако сте во ваква професија, каде се претпоставува дека ние добро го знаеме правото, апсурдно е да тргнеме во барање некакви права, без да имаме сопствен став.

Јас од тие причини исто така поведов и друга иницијатива: колегите да се изјаснат кој начин најмногу им одговара за регулирање на готовинските плаќања, бидејќи е многу лесно да се седи и потоа да се критикува решение што дошло од некој друг. Мора секој сам да си го предложи решението; она што ќе одлучиме дека е најдобро, тоа треба да го туркаме и да се обидеме да го издејствуваме .

Во тек ли сте колку ваши колеги се произнеле во однос на Вашата иницијативата како да се регулираат готовинските плаќања на адвокатите, која беше објавена и на веб-страницата на АКРМ?

Она што јас го знам е дека се произнеле многу помалку отколку што требаше. Инаку, таа иницијатива не беше само моја, туку и на други колеги, нели, дополнета со трета точка. Тоа не значи дека не можело да има и четврта точка, зашто секој, кога се изјаснува, има право да го напише тоа што го сака,  но најлошо е кога сме без став и кога немаме идеја што сакаме. За жал, таа иницијатива многу малку колеги ја потпишаа, но тоа беше еден обид од моја страна како член на АКРМ, тие да се заинтересираат и да се натераат на размислување. Сега како претседател јас тоа ќе се обидам да го направам преку Комората, зашто таа не претставува место за пречка во комуникацијата. Напротив, истата сега ќе биде местото кое ќе ги привлекува адвокатите да си ги кажат проблемите и да предложат решение за нив. Една од главните работи е дека секој мора да си заземе став, да предложи конкретно решение. Сега, како Комора, тоа ќе го бараме од секој адвокат поединечно.

Ставот што го споменувате, можам да констатирам, уште не е јасен. Дали тоа значи дека ќе почекате уште извесно време да видите како ќе се произнесат Вашите колеги во врска со иницијативата?

Не само што ќе почекаме, туку ние веднаш ќе направиме една јавна расправа, не мора да биде само анкетата — нека дојдат и нека си кажат, нека ги разменат своите мислења. Претпоставувам дека тоа ќе се случи многу набрзо, со оглед што Уставниот суд на РМ утре треба да одлучува околу иницијативата, па ќе имаме многу појасна состојба пред себе и тогаш веќе нема да имаме никаква пречка да заземеме став во поглед на тоа како сакаме да ни се решаваат проблемите. Значи, тука веќе одговорноста паѓа на сите адвокати. Не можете утре да кажете претседателот издејствувал вакво решение или се залагал, ама тоа не чини, како што беше состојбата со ЗАМ. Значи тие критики на поранешното раководство дека биле неактивни, сега нема да „држат вода“ за тие адвокати што нема да се произнесат. Ние не сме милион адвокати, туку 2000; за два дена сите можат да се произнесат за начинот на плаќање што го сметаат за најдобар. Ако не се произнесат, го губат правото да критикуваат дека некој друг им наметнал решение. Јас сметам дека ќе беше многу подобро на ова Собрание да имавме веќе став што навистина сакаме. За жал, знаете какви се состојбите, некогаш работите се дефокусираат и наместо со главното прашање, се занимаваме со други прашања: „да го смениме Управниот одбор, па после ќе видиме“. Не може „после ќе видиме“, овој Закон почна да се применува на 1 јануари, а веќе сме на крајот на февруари. Значи, заложбата ми е да ги активираме адвокатит;, ако сами си се опструираме, тогаш свесно препуштаме решението да ни го направи некој друг.

Кое е најдоброто решение според Вас во конкретниот случај, односно начин на кој би се регулирале готовинските плаќања на адвокатите?

Јас заради почитување на правото на сите да одлучат сами, не би сакал да ги усмерувам адвокатите. Можам да ви кажам само дека се диференцираат најповолните начини веќе во разговорите, па еве и во таа делумна анкета има мислење дека безготовинското плаќање е најчиста и најкултурна работа, меѓутоа има и добар дел од адвокатите кои, сепак, не сакаат да си ја изгубат привилегијата од примање готовинско плаќање. Готовинското плаќање, пак, доколку влезе во каква било опција, треба да биде регистрирано на најбезболен начин за адвокатите, без, притоа, да се загрози самостојноста на професијата, без можности од какви било злоупотреби при контроли. Секој треба да го искристализира својот став, притоа земајќи ги предвид и негативните и позитивните страни. Значи јас мојот став ќе го кажам, преку ставот за кој најмногу од адвокатите ќе се произнесат, но тоа не значи дека нема да ги произнесам аргументите кои што се позитивни  или негативни за конкретниот начин. Не може да се прејудицира дека постои идеално решение. Конечно, знаете, сѐ е до аспектот на почитувањето на прописите.

Покрај овој приоритетот со ЗАМ, но и ред други прописи на кои адвокатската фела има забелешки, заклучувам дека ретко кој од адвокатите знае кој е делегатот што ги претставува, кои се членовите на одредена адвокатска заедница; друштвата знаат да се пожалат дека односот на Комората кон нив е игнорантски — навидум слика која тешко се поправа; би рекла, ќе имате полни раце работа. Како да се изведе тоа и истовремено да се врши и адвокатската дејност?

Морам да ви кажам дека јас бев пријатно изненаден од тоа колку колеги ми се понудија по мојот избор за претседател на АКРМ да помогнат, притоа, ангажирајќи се, не само околу ЗАМ, туку околу сите прашања; да земат учество без оглед на тоа дали се членови на некое тело на Комората дури и со експлицитни изјаснувања: „воопшто немојте да сфатите дека ова е некаква амбиција или ангажман за да добијам функција, само сакам да ги решиме заеднички проблемите“. Ако ние, 2000 адвокати, не се ангажираме заеднички да ги решаваме проблемите, бидете сигурни дека еден човек не може да ги реши сам, без оглед дали ангажманот ќе биде професионален или волонтерски, адвокатската професија е приоритет за сите нас. Нашата Комора не е замислена членовите да си ја запостават работата, напротив, ние треба нормално да си ја обавуваме својата работа, но делумно од своето слободно време  да го жртвуваме за Комората. Мојот агажман, конкретно, ќе биде и во слободното време, без никакво влијание врз квалитетот на мојата канцеларија, која што си е организирана и со други адвокати и со соработници, но повторувам дека Комората на никого нема да му попречи во извршувањето на својата дејност, а тоа е изводливо. Прво, Комората има вработени; тие ќе си го интенвизираат својот ангажман. Ние имаме шестмина редовно вработени во АКРМ. Знаете, со толку вработени може прекрасно да функционира и квалитетна адвокатска канцеларија, давајќи правна помош. Некој треба да сфати — пасивноста доведува до сите проблеми! Имаме ние и други проблеми од изминатите години и сега одеднаш станавме активни на 25 декември кога ЗАМ веќе по 5 дена требаше да стапи во примена. Не сакам да го бранам претходното раководство, туку ги критикувам и ќе ги критикувам и понатаму, но не можам да ја апстрахирам вината на сите адвокати, кои бркајќи ја сопствената работа, заборавија дека имаат Комора и сега одеднаш не знаеме кои се делегати. Знаете ли зошто не знаеме кои се делегати?  Затоа што кога се бираа делегатите, ние рековме дека нема да одиме под изговорот „имам судење, имам клиент во канцеларија“. Отидоа само тие што отидоа, избрани се само тие што беа избрани, знаат кои се избрани тие што ги бирале, а колегите кои рекоа „немам време јас за тие работи“ сега се најгласни околу тоа дека не знаат кои се делегати.

Можеме ли да презицираме каков е Вашиот став околу работата на стариот Управен одбор (УО)?

Не можам да бидам нихилиста, можам да ги гледам и добрите и лошите старни. Стариот УО не бил доволно добар, но за тоа сметам дека вина имаат сите адвокати што дозволиле стариот УО да биде осамен, да биде игнориран од сите членови. Нема добар УО ако членовите не се активираат и не му помагаат. Тој УО и другите органи на Комората, одвојувале дел од своето слободно време, ама сметам дека можеле и подобро; сите ние сме одговорни ако сме увиделе навреме дека нема доволно добри резултати и треба да преземеме активности како што го сторивме тоа сега, па тој УО самиот да си даде оставка. Никогаш ние не сакаме да ставиме некого на столбот на срамот, ние треба да им бидеме благодарни на сите: колку можеле — толку придонеле, сепак ние сме ги избрале тие луѓе. Што е функцијата во АКРМ!? Тоа е волонетрска функција во која што имате повеќе обврски; привилегии, според начинот на кој го сфаќам раководењето со Комората, немате никакви. Е сега, прашањето е — дали некој мора да го прави тоа. Нормално дека да; не можеме угледот во адвокатурата да си го занемаруваме заради тоа што едноставно никој ништо не го интересира. Добро е можеби што се најде некој повод малку повеќе да се ангажираме. Ако во натамошните активности адвокатите останат пасивни, според мене, нема врска тоа со никаков ангажман.

Г-дине Додевски, зошто старото раководство даде неотповиклива оставка? Тие се во извесна мера глуви на моето прашање, а и самиот знаете дека на новинарите не им беше дозволено да присуствуваат на вонредното Собрание, па можеби Вие ќе ми разјасните кое беше точното образложение, вашето видување на проблематиката?

Образложението на УО беше според мене коректно: чуствуваат морална одговорност. Јасно беше кажано дека не чуствуваат вина, бидејќи аргументи си имаат и тие, направиле тоа што можеле во рамките на дадените можности. Гласно кажаа дека по предлогот на ЗАМ се произнеле само четворица колеги. Замислете од 2000 адвокати, вие да им ги пратите предлозите на сите нив во пишана форма, а да ви возвратат четворица. Тоа е аргумент дека немате право да кажете дека се е нивна вина и покрај тоа што тие не чуствуваат вина. Она што јас можев да го разберам на Собранието е дека се повлекуваат за некој нов УО да направи повеќе и поради тоа што сакаат да покажат дека критиките ете влијаат на нив.

„Вистински избор“, „одличен правник“, „професионалец“ — ова се дел од коментарите на адвокатите за Вас како нов претседател на АКРМ, но би рекла дека некако беше и очекувано Вие да застанете на чело на Комората. Се „шушкаше“ во адвокатските кругови дека изборот ќе падне на Вас — некои тоа го препишаа на вашиот ангажман, нарекувајќи ве еден од ретките кој има конкретен предлог за надминување на моменталните состојби, но имаше и негативни коментари околу исправноста на начинот на кој се одвиваше гласањето. Каков е вашиот коментар на овие две забелешки?

Јас се нафатив да бидам претседател, значи ја прифатив оваа функција откако на Собранието ме предложија, затоа што сакам да и помогнам на адвокатурата, немам потреба Комората да ми помага мене. Јас имам канцеларија веќе 25 години во која работам според моите разбирања на адвокатурата, успешно — тоа е дел и од вашето прашање и ми е драго доколку се такви коментарите. Моето мислење е дека јас сум избран за претседател на Комората токму од тој аспект: да придонесам да се решат состојбите, а јас, како што веќе Ви кажав, се ангажирав веднаш по донесувањето на ЗАМ, се разбира, не во почетниот период, но тогаш кога веќе некој требаше да се ангажира, јас сериозно влегов во ангажманот. Претпоставувам, тие гласини дека јас ќе бидам новиот претседател се должат на тоа, но морам да ви кажам дека и многу далеку пред Собранието колеги ми приоѓаа и ме убедуваа: „Никола ангажирај се, те молам, вака не оди веќе“, итн. Тоа јас го доживував како некој вид обврска — ако бидам предложен, да ја прифатам функцијата. Знаете кога ќе ви пријдат млади колеги и ќе ви кажат не се живее веќе со овој Закон, ќе се уништиме, па не може да се остане индиферентен.

Околу тоа дали бил начинот сомнителен или не, јас доколку би знаел дека мојот избор е нелегален, веднаш би си отишол од функцијата. Значи, јас ако не сметам дека мојот избор е одраз на претставниците на адвокатите, не би ја прифатил функцијата. Морам да ви дадам контрааргумент: за 6 позиции кои што се бираат од подрачјето на Скопје беа кандидирани некои 23-24 кандидати, ако добро се сеќавам, или поточно речено, беа кандидирани сите што беа предложени, практично се исцрпе предлагањето. Понатаму е проценка на делегатите кој од нив навистина ќе се залага за подобрување на состојбата, а кој од тие влегол само да кажеме за себепромовирање. Според мене, со тоа што сите што беа предложени влегоа, беа елиминарани можностите за некаков сомнеж. Знаете, тие што велат дека е сомнително и сметаат дека повеќе можат да допринесат,  јас со задоволство ќе им ги отворам вратите за секаков ангажман, нека повелат. Со тоа ќе докажат дека не им е целта да добијат некаква функција во АКРМ која повторувам носи само обврски, а не носи привилеги и ќе ги елиминираат гласините дека било нешто сомнително.

Што сметате дека е неопходно да се направи за адвокатурата, освен она за кое веќе разговаравме?

За адвокатурата сметам дека можат да се направат многу големи работи, не само за актуелниот момент, туку и за идните генерации. Прво, треба да се врати единството во адвокатурата, не може со 2000 адвокати да се делува толку разединето, толку некомпактно, толку да се слушаат негативни коментари. Напротив, ние треба меѓусебно да се поддржуваме, да се штитиме кога однадвор некој не напаѓа, а не да се браниме од внатрешните напади. Значи, имам визија да направам некој придонес; немам волшебно стапче, ама навистина треба да ја вратиме позитивната енергија во адвокатурата. Јас, за жал, морам да констатирам дека владее негативна енергија. Нема причина да не успеееме во ова, ако ние меѓу себе се почитуваме, тогаш ќе не почитуваат и другите. Да го вратам угледот на адвокатурата ми е еден од приоритетите. Во рамките на моите можности и за време на овој мандат сакам да направиме пакет на промени коишто ќе ја зголемат и работата на адвокатите. Велат „отишле некои работи кај нотарите“ — така е, ама, на пример, договор да склучите за хипотека, тоа се двострани правни дела, не можете во тој случај вие да сте сами, а ова важи за пред кој било орган, како што пред суд никој веќе не оди без адвокат. Тоа се работи кои би го зголемиле ангажманот на адвокатите,  нормално за тоа треба и промени на законски прописи, но една од надлежностите на Комората е таа и да ја претставува адвокатурата и да иницира и промени, да учествува во законски текстови доколку има потреба.

Кога телефонски стапивме во контакт заради интервјуто, ми спомнавте дека сакате да направите нешто околу веб-страницата на Комората, а интересни се и забелешките на вашите колеги околу „Информаторот“. Што планирате да промените во тој дел?

Во денешно време да си праќаме „Информатор“ по пошта, да плаќаме поштарини кога може тоа да се случува од минута во минута, малку е апсурдно, можете вие веднаш ја објавите конкретната информација на веб-страницата. Кој денеска комуницира сѐ уште преку хартија? Значи, уште веднаш, при моето прво влегување во Комората ги прашав кои им ја одржува веб-страницата и како тоа функционира. Веќе утре имаме  седница на УО на Комората, како што знаете вкупно сме 17 членови. Ќе воспоставиме современ начин на комуникација меѓу адвокатите, ќе се трудиме максимално да ги ангажираме адвокатите во сите активности, да биде што е можно потранспаретно, но за транспарентност треба да имате и двостраност. Со иницијативата се случи колегите да ме прашуваат што е со неа, каде може да ја прочитаат, а беше објавена на сајтот на Комората; тоа значи дека не го отворале. Значи, сега сакам да ги натерам прво кога ќе помислат на Комората, да ја отворат веб-страницата. Понатаму, непречено ќе функционираат електронските адреси на адвокатите. Не можете вие денеска да праќате писмо, па да чекате два дена за Комората да го најде членот. Просто кажано, современа Адвокатска комора!


Разговараше: Елена Павловска Објавено: 19.02.2013