/ Прочитано:

1.981

Новиот Закон за акцизите со европско знаменце пред пратениците

Владата во Собранието на РМ предложи нов Закон за акцизите, кој е со европско знаменце. Имајќи ја предвид потребата од усогласување со акцизното законодавство на Европската Унија и со најдобрите практики од земјите, се вели во законското образложение, се изготви нов Предлог-закон за акцизите, кој е во најголем дел усогласен со европското законодавство од областа на акцизите.

Воедно, со Предлог-законот за акцизите се предлагаат нови системски решенија и модифицирани системски решенија во однос на постојниот Закон за акцизите, кои ќе стапат на сила со денот на примена на Предлог-законот, како и нови системски решенија кои ќе се применуваат со влез на Република Македонија во ЕУ.

Дел од новите системски решенија, се вели во законското образложение, кои ќе стапат на сила со денот на применување на новиот Предлог-закон за акцизите се следните:

„- промена на системот на плаќање на акцизата за тутунски добра и алкохолни пијалаци, односно наместо досегашното решение акцизата да се плаќа со подигање на акцизните марки, истата ќе треба да се плати со пуштање на акцизните добра во слободен промет. Во  делот на тутунот, ваквото законско решение е усогласено и со барањата на Групацијата на тутунските производители и увозници;

– воведување на нови тутунски производи кои ќе подлежат на акциза (тутун за водено луле (тутун за наргиле), тутун за џвакање, тутун за шмркање, несогорлив тутунски производ и течност за полнење на електронска цигара) во контекст на усогласување со Предлог – законот за тутун, тутунски и сродни производи и европските директиви;

– со цел усогласување со европските директиви, како и потребите за регулирање на пазарот на малите производители на алкохолни пијалоци за комерцијални цели се воведува решението за мали независни производители на етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци за комерцијални цели – мали дестилерии. Воедно во Предлог-законот се пропишуваат одредби за нова категорија на обврзници земјоделци – мали производители на жестоки алкохолни пијалаци со кои се регулираат нивните права и обврски. За овие категории на обврзници се пропишуваат износи на акциза кои се пониски во однос на редовните износи на акциза кои ќе треба да се платат;

– воведување на нови акцизни добра, и тоа електрична енергија, природен гас, јаглен, кокс и лигнит за кои стапката на акциза ќе изнесува нула денари, а во контекст на усогласување со директивите на ЕУ;

– пропишување на нова категорија акцизни обврзници мали производители на вино за комерцијални цели – мала винарница малите производители на вино за комерцијални цели – мала винарница со цел усогласување со европските директиви од областа на акцизите. Притоа, истите треба да имаат вкупно годишно производство на вино не поголемо од 100.000 литри за кое не се плаќа акциза (нула денари).  Со воведувањето на малите винарници ќе се овозможи регистрирање на производителите на вино и следење на производството на виното преку системот Системот за движење и контрола на акцизни добра (EMCS – Excise movement and control system).

Дел од модифицираните сегашни решенија во Предлог-законот за акцизите кои ќе стапат во сила со денот на примена на новиот Закон за акцизите се однесуваат на:

– Малите пиварници – согласно сегашното решение во Законот за акцизите за малите пиварници е пропишано дека акцизата се плаќа со намалување од 20% до 50% од пропишаната полна акциза во зависност од произведените месечни количини, при што вкупното годишно производство не смее да надмине 150.000 литри.

Со новото решение се предлага да се плаќа полна стапка на акциза, а по истекот на годината да се поднесе барање за враќање на акцизата во зависност од произведената количина на пиво од 50.000 до 150.000 литри, за која ќе се изврши враќање на акцизата во износ од 20% до 50% врз основа на групата во која ќе припаѓа произведената количина на крајот од годината.

– Воведување на обврска за доставување на задолжителна банкарска гаранција пред издавање на акцизна дозвола, при транспорт во постапка на акцизно одложување, при подигање на акцизни марки и во сите други ситуации предвидени согласно Предлог-законот, а врз основа на најдобрите практики во земјите членки на ЕУ. Понатаму, во делот на гаранциите за акцизните складови се предвидува намален износ на гаранција во зависност од статусот на субјектот. Воведувањето на обврската за доставување на задолжителна гаранција ќе обезбеди сигурна наплата на буџетските приходи и проверка за ликвидноста на субјектот кој работи со акцизни добра.

Дел од новите системски решенија во Предлог-законот за акцизите кои ќе се применуваат со влез на Република Македонија во Европската Унија се однесуваат на регистриран примач, периодичен регистриран примач, регистриран испраќач, продажба на далечина и др.

Движењето на акцизните добра ќе се следи преку Системот за движење и контрола на акцизни добра (EMCS – Excise movement and control system), кој е воспоставен на ниво на Европската унија. Во Република Македонија овој систем најнапред ќе се користи за следење на движењето на акцизните добра на територијата на Република Македонија, а понатаму со влез во ЕУ истиот ќе се користи за следење на движењето на акцизните добра помеѓу земјите членки.“

Објавен текстот на новиот Предлог-закон за акцизите

Министерството за финансии подготвува нов Закон за акцизите

М.В