Новиот Закон за извршување на санкциите во собраниска процедура
Владата на РМ го поднесе новиот Предлог-закон за извршување на санкциите во Собранието на РМ. Донесувањето на новиот Закон за извршување на санкциите ќе биде усогласено со стратешките цели од Националната стратегија за развој на пенитенцијарниот систем на Република Македонија
„Законот за извршување на санкциите обезбедува остварување на две основни цели. Прво, да ја спречи државата и нејзините органи во своето функционирање да применуваат непотребна, претерана, преостра и нецелесообразна присила спрема правните субјекти. Тогаш кога е во прашање извршувањето на санкциите изречени со правосилна и извршна одлука од страна на надлежен суд, да се примени само нужна и неопходна присила. Второ, тогаш кога се применува присилба, тоа да се чини од страна на надлежни органи во постапка пропишана со закон. Законот за извршување на санкциите ги заштитува граѓаните и правните лица од прекумерна, незаконита, нехумана, нерационална и непотребна присилба од страна на државните органи, како и злоупотреби и пречекорување на овластувања на државни органи. Основните начела врз кои се заснова Законот за извршување на санкциите се основа на овој Закон и тоа дека ресоцијализацијата на осудените лица е основна функција на казнено-поправните и воспитно-поправните установи. Се забранува секој облик на мачење, нечовечно или понижувачко казнување и однесување, правото на лична сигурност на осуденото лице и самопочитувањето на неговата личност. Законот за извршување на санкциите има големо значење во заштитата и остварувањето на загарантираните слободи и права на осудените лица“, се вели во образложението на Предлог-законот, чијшто текст може да се преземе на следниот линк.