/ Прочитано:

1.596

Новиот Закон за јавните набавки во собраниска процедура

Донесувањето на новиот Закон за јавните набавки на Република Македонија се темели на обврските за усогласување на нашето законодавство со законодавството на Европската Унија, како и општите принципи и начела на јавните набавки преку кои треба да се обезбеди слободна конкуренција во јавните набавки и рационално трошење на јавните средства, се вели во образложението на Предлог-законот  поднесен од Владата на РМ.

Со донесувањето на овој закон се поставуваат основите за темелна реформа во системот на јавните набавки, која ќе биде засилена со бројни подзаконски акти со кои треба да се заокружи новата правна рамка. Самата имплементација треба да резултира со зајакната контрола, но и поедноставни постапки, кои треба да го намалат просторот за субјективно однесување на договорните органи и злоупотреби во трошењето на јавните средства, од една страна, но и со полесен и поефикасен процес на вршењето јавни набавки, од друга страна.

Потребата од целосно усогласување на законската регулатива на полето на јавните набавки во Република Македонија е одредена согласно обврската од член 68 од Спогодбата за стабилизација и асоцијација помеѓу Европската Унија и Република Македонија, како и со обврските кои произлегуваат од Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија.

Појдовна основа за изготвување на Законот се соодветните прописи на Европската Унија кои ја регулираат областа на јавните набавки, односно директивите, како и пресудите на Европскиот суд на правдата.

„Зголемувањето на транспарентноста и ефикасноста на системот на јавните набавки, од една страна, како и воведувањето соодветни механизми на контрола, од друга страна, ќе резултира со поголема рационалност во трошењето на јавни средства, односно добивање најдобра вредност за потрошените јавни средства. Постигањето најдобра вредност за потрошените јавни средства треба да резултира со поголема ефикасност на буџетските расходи кои се трошат на јавни набавки“, се вели во законското образложение.

М.В