/ Прочитано:

3.104

Новиот Закон за кривичната постапка е лош експеримент во однос на одбраната и потребни се негови измени, порачуваат адвокатите

Адвокатите сметаат дека новиот Закон за кривичната постапка досега се покажа како лош експеримент во однос на одбраната и оттука, нагласуваат тие, сосема е јасно дека измените на овој закон се неопходни.

Како главни слабости, адвокатите ја детектираат примената на одредбите од ЗКП кои се однесуваат на истрагата и притворот, како и исклучително кратките рокови на одбраната за подготовка и за преземање на дејствијата на истрагата.

За истрагите, истакнуваат адвокатите, кои траат со месеци и кои завршуваат со материјал на повеќе илјади страници, одбраната има само 15 дена да ги подготви своите тези, да ги побива доказите и да ги презентира своите докази, што е недопуштена позиција и е директно противречна со еднаквоста на оружјата како генерален принцип врз кој се базира и заштитата на човековите права.

На обуките за ЗКП во организација на Адвокатската комора, адвокатите нагласија дека нерамноправноста во кривичната постапка и нееднаквоста на оружјата мора да бидат надминати.

На последната обука на оваа тема, адвокатите како проблематично го посочија и немањето можност за судска проверка на истрага, бидејќи, како што подвлекоа, ваквото законско решение воведува арбитрарност од страна на јавните обвинители.

Бранителите укажаа и на многубројни слабости и недоследности на ЗКП и во другите фази на постапката. Нерамноправноста во кривичната постапка и нееднаквоста на оружјата мора да бидат надминати со соодветни законски измени и со воведување на нови практики кои ќе значат доследно почитување на човековите права и јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права, порачаа тие.

Обуката беше спроведена во рамки на едногодишен проект „Обука на адвокатите на одбраната за новиот Закон за кривичната постапка и на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната“ кој Адвокатската комора на РМ го спроведува во соработка и со финансиска поддршка на Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите (ИНЛ) при Амбасадата на САД во Скопје.

M.В