/ Прочитано:

2.727

Новиот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер во собраниска процедура

Владата го поднесе новиот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер  во Собранието. Предлог-законот е поднесен со европско знаменце.

Предлог-законот за слободен пристап до информации од јавен карактер има за цел побрз пристап на барателите до информациите од јавен карактер, како и поголема транспарентност и отчетност на органите на државната власт и други органи и организации утврдени со закон, органите на општините, Градот Скопје и општините во Градот Скопје, политичките партии, установите и јавните служби, јавните претпријатија, правните и физичките лица што вршат јавни овластувања, утврдени со Закон.

Во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, се вели во законското образложение, вградени се основните принципи на кои се темели правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, како што се: максимална отвореност (секој има право на пристап до информациите, а државните институции имаат обврска на јавноста да ѝ овозможат пристап до информациите), обврска за објавување (државните институции треба да ги објавуваат информациите во врска со нивните активности и сите информации кои се од јавен интерес), ограничен број на исклучоци (секој основ треба да биде во врска со легитимна цел на која ѝ се заканува значителна штета ако се одобри пристап до информацијата), постапки кои го олеснуваат пристапот (сите државни институции имаат обврска да воспостават и да применуваат лесно достапен внатрешен систем за овозможување на правото на јавноста да ја дознае информацијата) и други.

„Иако во постоечкиот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер се вградени основни принципи на кои се темели правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, постои нецелосна и недоследна примена на Законот, ограничена транспарентност на институциите и нецелосно остварување на правото на физичките и правните лица за пристап до информации од јавен карактер“, се вели во законското образложение.

„Непрецизноста на одредени делови од Законот доведуваат до нецелосна и недоследна примена на Законот, ограничена транспарентност на институциите и нецелосно остварување на правото на физичките и правните лица за пристап до информации од јавен карактер. Најголем дел од непрецизностите се однесуваат на дефинирање на поимот ‘јавен интерес’, намалување на опфатот на исклучоците од информациите, зголемување на опфатот на информации кои се објавуваат, скратување на рокот за давање одговор од страна на имателот на информации.

Исто така, дел од проблемите во остварувањето на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, особено во конечното остварување на правото и должината на постапката, произлегуваат од организационата поставеност, односно статусот на државната институција која ја дава заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Со Предлог-законот за слободен пристап до информации од јавен карактер се предлагаат решенија за надминување на проблемите, олеснување на остварувањето на правото на пристап до информациите од јавен карактер, надминување на ограничената транспарентност на институциите и нецелосното остварување на правото до бараните информации“, се образложува во Предлог-законот.

Измените на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер на собраниска седница

Се подготвува Предлог-закон за слободен пристап до информации од јавен карактер

Објавен текстот на новиот Предлог-закон за слободен пристап до информации од јавен карактер

M.В