/ Прочитано:

5.941

Новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација презентиран во МТСП

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, презентирајќи ги новините во Законот за спречување и заштита од дискриминација, рече дека тој има за цел да обезбеди принцип на еднаквост во заштитата од  дискриминација и во остварување на човековите права и слободи. Во него се прошируваат основите, се менуваат и подобро се дефинираат поимникот и дефиницијата за дискриминација.

„На овој начин се доближуваме до меѓународните стандарди усвоени од страна на ООН и Европската Унија, а нашите граѓани добиваат соодветна правна заштита и општество кое ги негува различностите и овозможува услови за развој за сите. Остануваме посветени на зајакнување на владеењето на правото и унапредување на квалитетот на животот за сите, а преговорите за членство во ЕУ ќе ни дадат дополнителна енергија и поддршка за тие реформи“, подвлече Царовска.

Во новиот текст на Законот за првпат сексуалната ориентација и родовиот идентитет се воведуваат како основи за дискриминација. Во поимникот се вметнуваат нови термини меѓу кои „лице со попреченост“, „соодветно приспособување“ и „пристапност до инфраструктурата, добрата и услугите“. Понатаму се додава нов облик на дискриминација – сегрегацијата, како и „инструкцијата“ за дискриминација.

Исто така, називот на „Комисијата за заштита од дискриминација“ се менува во „Комисија за спречување и заштита од дискриминација“, а нејзините надлежности се прошируваат во насока на превенција. Новиот закон предвидува јасни критериуми за избор на членови на Комисијата, а тие добиваат статус на функционери, со цел да се професионализира Комисијата.

Во однос на судската заштита, се воведува тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес и се укинува потребната писмена согласност од странките во вакви случаи, доколку се работи за група. Со ова дополнување, здруженија, фондации или други организации од граѓанското општество, како и неформални групи кои имаат оправдан интерес за заштита на одредена група, или во рамките на својата дејност се занимаваат со заштита од дискриминација, можат да поднесат тужба, ако со постапувањето на тужениот се дискриминирани поголем број лица.

Исто така, се ослободуваат од судски трошоци лицата коишто ќе поведат судска постапка за заштита од дискриминација и се зголемува износот на прекршочните одредби за правни и физички лица за кои ќе се докаже дека сториле дискриминација.

Со промените во Законот за спречување и заштита од дискриминација обезбедуваме подобри механизми, мерки и активности за правна заштита. Новиот  закон, резимираше Царовска,  е целосно усогласен со правото на ЕУ и меѓународните стандарди и за него е добиено позитивно мислење од Венецијанската комисија, како и од сите граѓански организации кои работат во областа.

Новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација прифатен во владина процедура

Објавен текстот на Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација

Во подготовка Законот за спречување и заштита од дискриминација чиј текст ќе биде усогласен со меѓународните стандарди

Јавна дебата за новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација

М.В