Новиот Закон за спречување на перење пари и финансирање тероризам во собраниска процедура
Владата во Собранието на РМ го поднесе Предлог-законот за спречување на перење пари и финансирање тероризам, по скратена постапка Целта на предложениот закон е негово усогласување со одредбите од 4. ЕУ-Директива за спречување на употребата на финансискиот систем за целите на перење пари и финансирање тероризам од 2015 година (2015/849 ЕЦ).
Превенцијата од перење пари и финансирање тероризам во Република Македонија е регулирана со Законот за спречување на перење пари и финансирање тероризам („Службен весник на РМ“, бр. 130/ 2014, 192/ 2015, 27/2016 и 83/2018). Овој закон ги утврдува мерките и дејствијата за откривање и спречување на перење пари и финансирање тероризам кои ги преземаат задолжените субјекти. Задолжените субјекти имаат обврска да спроведуваат процедура за анализа на клиентот, да следат определени трансакции, да доставуваат извештаи до Управата за финансиско разузнавање, да чуваат податоци и документи и да воведат внатрешни програми. Надзорот над примената на мерките и дејствијата за спречување на перење пари и финансирање тероризам го вршат: Управата за финансиско разузнавање, Народна банка на Република Македонија, Управата за јавни приходи, Комисија за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, Агенцијата за пошти, Агенцијата за супервизија на осигурување, Институтот на овластени ревизори, Институтот на сметководители и овластени сметководители и комисиите на адвокатите и нотарите.
„Причините за изменување и дополнување на законот произлегоа од потребата за негово усогласување со европското acquis, односно законодавство во областа на борбата против организираниот криминал, односно одредбите од 4. ЕУ-Директива за спречување на употребата на финансискиот систем за целите на перење пари и финансирање тероризам од 2015 година (2015/849 ЕЦ). Во Предлог-законот се вградени и решенија во насока на надминување на ризиците идентификувани со Националната проценка на ризикот од перење пари и финансирање тероризам усвоена во 2016 година“, се вели во законското образложение.
Предлог-законот, се посочува во законското образложение, ги содржи следниве решенија:
се воведуваат нови дефиниции со кои се уредуваат одредени поими кои се употребуваат во законот (терорист, терористички акт, терористичка организација, труст, група, високо раководство на субјектот, повремена трансакција, национална проценка на ризик итн.);
се проширува опсегот на носителите на јавни функции, односно како носители на јавни функции спрема кои субјектите преземаат засилени мерки за анализа се сметаат и носителите на јавни функции во Република Македонија (досега беа само носители на јавни функции од други држави);
се воведува надлежност на Советот за борба против перење пари и финансирање тероризам да ги координира активностите за спроведување национална проценка на ризикот од перење пари и финансирање тероризам и учествува во подготвувањето извештај за национална проценка на ризик од перење пари и финансирање тероризам кој потоа треба да биде усвоен од Владата на Република Македонија;
опсегот на субјектите што се задолжени да преземаат мерки и дејствија за спречување на перење пари и финансирање тероризам се редефинира, односно како нови субјекти се воведени: правни и физички лица кои даваат услуги за организирање и спроведување аукции, приредувачи на игри на среќа: лотариски игри на среќа, игри на среќа во обложувалница, игри на среќа во автомат клуб и интернет игри на среќа;
обврските за субјектите што се однесуваат на идентификација се доведуваат во линија со 4. ЕУ-Директива и стандардите на ФАТФ;
се предвидуваат решенија со кои се предвидува зајакнување на капацитетите на субјектите, особено на финансиските институции за спроведување на мерките за спречување на перење пари и финансирање тероризам;
се прецизираат и се усогласуваат со 4. ЕУ-Директива одредбите кои се однесуваат на вистинските сопственици и се предвидува воспоставување регистар на вистински сопственици во рамки на Централниот регистар на РМ;
се предвидува обврска за правните лица да поседуваат, чуваат и да ги впишат во регистарот на вистински сопственици податоците за нивните вистински сопственици;
се намалува износот на забраната за вршење на готовински плаќања од 15.000 евра на 2.000 евра;
се прецизираат надлежностите на Управата за финансиско разузнавање, како и одредбите за соработката на Управата со други надлежни органи и единици за финансиско разузнавање на други држави;
одредбите што се однесуваат на вработените во Управата се усогласуваат со Законот за вработените во јавниот сектор и со Законот за административни службеници;
прекршочните одредби од овој предлог се во согласност со Законот за прекршоци и воведуваат одвратувачки, адекватни и пропорционални казни за непочитување на одредбите од овој закон и др.
М.В