/ Прочитано:

3.762

Новиот Закон за управни спорови со европско знаменце предложен во Собранието на РМ

Владата на РМ го поднесе новиот Закон за управни спорови во Собранието на РМ. Со новиот Закон за управните спорови, се вели во законското образложение,  ќе се уреди детално постапката пред Управниот суд и второстепениот суд имајќи ги предвид спецификите на управниот спор, ќе се зголеми транспарентноста и јавноста на постапките во управниот спор преку задолжителноста на јавна расправа во постапката, со строго дефинирање на исклучоците, ќе се зајакнат можностите за мериторно одлучување на Управниот суд, како и системот на извршување на пресудите, со што ќе се зголеми ефикасноста на управниот спор и ќе се овозможи граѓаните да добијат ефикасна правна заштита на своите права во управниот спор.

„Донесувањето на законот ќе предизвика потреба за измена на Законот за судовите во делот на надлежност на Управниот суд. Со оглед на фактот дека се работи за 2/3 закони кои ја регулираат надлежноста на судовите и постапката пред Управниот суд целисходно е законските решенија да бидат усогласени и едновремено да се усвојуваат од страна на Собранието на Република Македонија“, се посочува во законското образложение.

Министерството за правда новиот Закон за управни спорови го најави во месец мај годинава. Целта на новото законско решение, посочија од Министерството, ќе биде поголема ефикасност во управниот спор, намалување на должината на управносудската постапка, усогласување на Законот за управните спорови со Законот за општата управна постапка, мериторно одлучување од страна на Управниот суд, обезбедување извршност на одлуките на Управниот спор и слично.

„Управниот спор како судска заштита на правата на граѓаните од незаконските акти и работа на управата во Република Македонија за првпат е воведен со Законот за управни спорови во 1952 година, надополнет со нов Закон за управните спорови во 1977 година и со последниот трет Закон за управните спорови донесен во 2006 година, со кој во државата се формираше посебно специјализирано управно судство. Овој закон е изменет и дополнет во 2010 година со одредби за формирање Виш управен суд без да се пропишат одредби за водење на постапка пред овој суд. Законот за управните спорови донесен во 2006 година за изминатиот период покажа низа слабости во поглед на долготрајноста на управниот спор, неодлучувањето на судот во полна јурисдикција, неизвршување на одлуките донесени од страна на Управниот суд и други недоследности кои доведуваат до проблеми за граѓаните во остварувањето на нивните права во управниот спор. Воедно, констатирана е излишност од тоа јавните органи во управниот спор кој се води против нив да бидат застапувани од Државното правобранителство. Имено, во согласност со ЗОУП од 2015 година службеникот кој ја водел управната постапка должен е таа постапка и да ја заврши, односно да го донесе и потпише решението“, образложија од Министерството за правда.

Ќе се менува Законот за управните спорови заради поголема ефикасност на управниот спор

М.В