/ Прочитано:

1.167

Новиот Закон за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион ќе влезе во собраниска процедура

Владата го утврди Предлог-законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион и донесе одлука тој да биде доставен на усвојување во Собранието на РСМ.

„Во Предлогот на законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион се имплементирани обврските што произлегуваат од Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство на Организацијата на обединетите нации за образование, наука и култура, и се создаваат формално-правни предуслови, преку интегрирано управување со природното и културното наследство, да се спречат активности кои негативно влијаат врз исклучителните универзални вредности на природното и културното наследство во Охридскиот регион, како и да се преземат мерки за негово активно вклучување во животот на заедницата како фактор на одржливиот развој“, соопштуваат од Владата.

На седницата на Владата беше нагласено уверувањето дека со новиот состав на Советот за следење и координација на управувањето со природното и културно наследство во Охридскиот регион ќе се зголемат капацитетите за ефективно управување со природното и културното наследство во овој регион.

„Согласно предлог-законот Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион ќе се донесе најдоцна во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон. До донесување на Планот времено се прекинуваат постапките за издавање одобрение за градење и постапките за вклопување на бесправно изградени објекти и времено се прекинуваат постапките за изработување и донесување на урбанистички планови, урбанистичко – плански и урбанистичко – проектни документации, како и постапувањето по донесените урбанистички планови, урбанистичко – плански и урбанистичко – проектни документации. Овие активности ќе продолжат по донесувањето на Планот за управување со природното и културното наследство“,  истакнуваат од Владата.

Инаку, подготовката на новиот Закон за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион беше најавена минатата година. Целта на Предлог-законот, посочија од Министерството за култура,  е да се регулираат прашањата за основањето, за составот, за работата и за надлежноста на стручното тело за следење и координација на управувањето со природното и културното наследство на Охридскиот Регион, со вклученост на сите засегнати страни, како и да се регулира постапката за донесување на планот за управување и вршењето ревизија на планот.

„Во Извештајот на Реактивната мониторинг мисија на Центарот за светско наследство на УНЕСКО е содржана препорака, согласно која е потребно во Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион донесен во 2010 година, да се утврди соодветен механизам за одлучување и управување, како и да се дефинираат надлежностите и составот на Комисијата за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион преку воспоставување на вистински партиципативен пристап во управувањето со доброто, со активно вклучување на локалните заедници и граѓанските организации. Имајќи предвид дека Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион донесен во 2010 година во својата повеќе годишна примена покажа и други формални недостатоци се утврди потребата од изработка на нов закон. Со новиот Закон за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион, ќе се создадат формално-правни предуслови преку интегрирано управување со природното и културното наследство да се спречат активности кои негативно влијаат врз исклучителните универзални вредности на природното и културното наследство во Охридскиот регион, како и да се преземат мерки за негово активно вклучување во животот на заедницата, како фактор на оддржливиот развој“, образложија од Министерството.

Времено се прекинуваат постапките за издавање одобренија за градење во Охрид

УНЕСКО препорачува Охрид да се стави на листата на загрозено светско наследство и бара мораториум на градбите

Потребна е ревизија на регулативата за управувањето со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион

Се подготвува нов Закон за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион

Екологистите со писмо до пратениците бараат мораториум на  инфраструктурните проекти  на охридското крајбрежје

М.В