Новиот Закон за високото образование треба да ја зајакне автономијата на универзитетот, порачуваат граѓанските организации

За реформите во високото образованието, новиот Закон за високото образование треба да обезбеди поголема транспарентност и нов модел што ќе ги демократизира процесите на избор на декани на високообразовните институции и на универзитетските ректори, нагласуваат граѓанските организации.

Во документот насловен како „Предлог за итни демократски реформи“, група граѓански организации и експерти истакнуваат дека изготвувањето на новиот Закон за високото образование треба да биде во консултација со пошироката академска заедница и со студентите.

„Законот за високото образование треба да ја зајакне автономијата на универзитетот, да обезбеди квалитетен и одржлив развој на високообразовната дејност, одржливо финансирање на јавните високообразовни установи, суштинско учество на студентите во телата за одлучување во високообразовните институции и универзитетите, плурализам и унапредување на изборниот модел на студентското организирање“, образложуваат граѓанските организации.

Граѓанските организации додаваат дека за реформите во образованието потребно е и да се изземе академскиот кадар вработен во јавните високообразовни установи од Законот за вработените во јавниот сектор, што ќе овозможи автономна кадровска политика на универзитетите и научноистражувачки подмладок

Исто така, додаваат граѓанските организации и експертите, потребно е и изземање на јавните високообразовни установи од системот на трезорско финансирање. Покрај донесувањето нов Закон за високо образование, граѓанските организации нагласуваат дека е потребно да се изготви и нов Закон за научноистражувачка дејност, кој ќе го унапреди статусот на науката и истражувањето.

„Потребно е и формирање агенција како независно тело што ќе биде надлежно за транспарентно и ефективно остварување на Националната програма за научноистражувачка дејност и за меѓународна соработка, како и буџетска поддршка за финансирање на истражувачките програми и проекти (национални, билатерални, од национален интерес), истражувачката инфраструктура, поддршка за младите истражувачи и зголемено учество во меѓународните истражувачки проекти“, посочуваат граѓанските организации во „Предлогот за итни демократски реформи“.

M.В