/ Прочитано:

1.209

Новиот ЗОУП повеќе избалансиран во интерес на граѓаните

Среда, 19 декември 2012 – Јавна расправа за нацрт стратегијата за иницијативата за донесување нов Закон за општа управна постапка (ЗОУП) денеска се одржа во инфо центарот на мисијата на ЕУ. Работната група составена од државни службеници и надворешни експерти од агенцијата СИГМА која функционира во рамките на ОЕЦД го образложија овој многу значаен документ, кој заедно со коментарите добиени од присутните на јавната расправа, ќе претставува дел од информацијата која наредната недела ќе биде претставена пред македонската Влада.

Работната група предводена од советникот во Министерството за информатичко општество и администрација, Југослав Георгиевски ги посочи главните недостатоци на денешниот ЗОУП, укажа на анахроните точки, на пренормираноста и на недостаток на едноставни решенија разбирливи и за администрацијата и за граѓаните.

Низ дискусиите на експертите на СИГМА, Волфганг Руш и адвокатот Георги Димитров преовладуваа ставови дека идниот закон треба да најде решенија за болните точки на денешната административна постапка, како што се жалбената постапка, молкот на администрацијата, непостоење на темелно начело на пропорционален одговор, правото да се биде странка секогаш кога постои правен интерес или засегнатост, но и огромното значење што го имаат новите технологии во поглед на достапноста на администрацијата до граѓаните, електронските обрасци, електронските упатства и кооптирањето на овие технолошки можности како опција за граѓаните во постапката.

Во заклучните зборови државниот секретар во Министерството за информатичко општество и администрација, Јахи Јахија истакна дека стратегијата веќе го поминала меѓуресорскиот состанок на државните секретари и по усвојувањето како информција во Владата ќе биде објавена во електронските гласила на министерството за да може да биде достапна на стручната јавност, но и на граѓаните.

Се очекува работната група да започне да работи на законот во почетокот на февруари 2013 година.