/ Прочитано:

9.649

НОВИТЕ АДВОКАТИ ДАДОА СВЕЧЕНА АДВОКАТСКА ЗАКЛЕТВА: „Се колнам дека должноста адвокат ќе ја вршам совесно и законски!“

Триесет нови адвокати се здобија со лиценци за вршење на адвокатската дејност. Лиценците на новите адвокати им ги додели претседателот на Адвокатската комора, адвокатот Никола Додевски, посакувајќи им на своите колеги успех во работата во која ќе бидат достоинствени, препознатливи и храбри.

На свечената церемонија, новите адвокати дадоа свечена заклетва дека адвокатската дејност ќе ја вршат совесно и законски и дека ќе се придржуваат на Уставот, законодавството, меѓународните договори и актите на Адвокатската комора.

„Се колнам дека должноста адвокат ќе ја вршам совесно, ќе се придржувам на Уставот, законите, меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, Статутот на Комората, Кодексот на адвокатската етика и дека со сите свои постапки ќе внимавам на угледот на адвокатурата како јавна служба”, гласи свечената адвокатска заклетва.

Самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба се остваруваат со слободно и независно вршење на адвокатската дејност. Адвокатската дејност ја вршат адвокати кои положиле заклетва и се запишале во Именикот на Адвокатската комора на Република Македонија.

Адвокатите ја вршат адвокатската дејност како адвокати поединци и адвокати здружени во адвокатско друштво. Адвокатите поединци се запишуваат во Именикот на адвокатите, а адвокатските друштва се запишуваат во Именикот на адвокатските друштва, кои се водат во Адвокатската комора на Република Македонија.

Во извршување на своите обврски, се вели во Кодексот за професионална етика на адвокатите,  адвокатот е независен и не смее да дозволи никакви влијанија од трети лица или неговите лични интереси или интересите на трети лица и надворешен притисок да влијаат врз него во извршувањето на неговите обврски кон клиентот.

Помеѓу адвокатот и клиентот мора да постои однос на доверба, а ваквото нешто може да се постигне исклучиво доколку адвокатот поседува лично достоинство, чесност и интегритет. Овие традиционални вредности за адвокатот се и професионална обврска.

Адвокатот е должен да не дозволи никакво нарушување на својата независност и да не ги прекрши своите професионални принципи, со цел да  удоволи кому било, па и на својот клиент. Доверливоста е примарно и фундаментално право и обврска на адвокатот, затоа што суштината на професијата адвокат му овозможува да дознае и такви работи што клиентот не би му ги соопштил на друг. Без функционирање на принципот на доверливост не може да постои ни доверба помеѓу адвокатот и клиентот.

Обврската на адвокатот за почитување на принципот на доверливост е временски неограничена и важи за сите информации што ќе ги дознае од својот клиент во вршењето на својата професионална активност. Овој принцип му обезбедува на адвокатот специјална заштита од државата.

M.В