Новите адвокати дадоа свечена заклетва
Четириесет и шест адвокати се здобија со лиценци за вршење на адвокатската дејност во мартовската сесија 2019 година.
Новите адвокати дадоа свечена заклетва дека должноста ќе ја вршат совесно и дека ќе се придржуваат на Уставот, законодавството, меѓународните договори и актите на Адвокатската комора.
„Се колнам дека должноста адвокат ќе ја вршам совесно, ќе се придржувам на Уставот, законите, меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, Статутот на Комората, Кодексот на адвокатската етика и дека со сите свои постапки ќе внимавам на угледот на адвокатурата како јавна служба”, гласи свечената адвокатска заклетва.
Претседателот на Адвокатската комора на РМ, Љубомир Михајловски, на новите адвокати им упати порака да ја штитат адвокатурата и нејзината независност, да бидат чесни и да го сочуваат својот личен интегритет во борбата за успех.
Претседателот Михајловски изрази надеж дека новите генерации адвокати ќе внесат нови погледи и напредок на адвокатурата.
„Ќе има денови на среќа и успех, радувајте се на нив, делете ја среќата со вашите најблиски кои денес се со вас“, истакна тој и им посака успех во работата.
M.В