/ Прочитано:

5.298

НОВИТЕ АДВОКАТИ СЕ ЗАКОЛНАА ДЕКА ДОЛЖНОСТИТЕ ЌЕ ГИ ВРШАТ СОВЕСНО И ЗАКОНСКИ: „Бидете храбри и достоинствени“, им порача претседателот на АКРМ

Шеесет и еден нов адвокат се здобија со лиценци за вршење на адвокатската дејност во мартовската сесија 2017 година.

Во рамки на свечена церемонија по повод доделувањето на лиценците, адвокатите дадоа свечена заклетва дека должноста ќе ја вршат совесно и дека ќе се придржуваат на Уставот, законите, меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, Статутот на Комората, Кодексот на адвокатската етика и дека во сите свои постапки ќе внимаваат на угледот на адвокатурата како јавна служба.

Претседателот на Адвокатската комора на РМ, Никола Додевски, им порача на новите адвокати да бидат храбри и од никого да не се плашат, како и да бидат достоинствени и  препознатливи, пред сѐ, со однесувањето и почитувањето на колегите од спротивната страна.

„Напади ќе има, има и сега, имало и во минатото, но ние сме опстојувале и сметам дека  нападите  нѐ прават посилни и посложни. И вие како нови адвокати треба да се поддржувате меѓусебно, но да ја поддржувате и Адвокатската комора на РМ и верувајте ми дека токму такво однесување е најдобар пат кон успехот. Ако ставовите се единствени, иднината на адвокатурата на Република Македонија е сигурна“, нагласи Додевски.

„За тие што се случајно влезени,  тие што не припаѓаат на оваа професија, селекцијата ќе ја направи клиентот. Клиентите знаат да ценат што е стабилна адвокатура, што е сигурна правна помош. За да биде тоа така, сакам ви укажам на неколку работи кои ве молам да ги запомните кога ќе излезете од оваа свеченост, која е важен настан за секој од вас. Во судница секогаш влегувајте културно облечени“, истакна Додевски.

Во овој контекст, додаде Додевски, се подготвуваат нови тоги, што значи дека и вие ќе бидете облечени во тога како јас денеска, бидејќи тоа е законска обврска и наскоро  ќе го гледате тоа кај сите колеги.

„Запомнете,  адвокатите треба да бидат препознатливи, но пред сѐ, со однесувањето и почитувањето на колегите од спротивната страна, со културно однесување. Вие положивте  етика, па не би сакал да ги повторувам истите работи“, им порача претседателот на АКРМ на новите адвокати.

Воедно, Додевски им порача на новите адвокати да бидат информирани и  да ги следат активностите на Комората преку посети на веб-страницата на Адвокатската комора на Република Македонија.

Таму, рече Додевски, ќе прочитате за активностите на Комората и ќе  знаете што се подготвува за ваше усовршување, за ваша обука,  за различни настани, но и за други правни работи кои ве засегаат, како што се: активностите  на Европската асоцијација на адвокатите (CCBЕ), каде што Комората е членка, ставови на Европскиот суд за човекови права и сл.

„Ние сме должни да градиме современа европска адвокатура, а вие младите правници не само што треба  да учествувате во тој процес,  туку треба да ви биде и предизвик и да знаете дека тоа е вистинскиот пат кон успехот. На судењата ќе се користите со практиката на Европскиот суд за човекови права, ќе покажете дека таа постои и ќе ги натерате поради вас адвокатите, како што е тоа и правилно, да почнат да учат и другите инволвирани страни, а потоа и да ги применуваат правилата секогаш заради заштита на правата на граѓаните“, истакна Додевски.

„Има  многу други работи на кои сакам да ви укажам, а пред сѐ, дека од вас зависи каде ќе се котирате во адвокатурата. Кога влегувате во судница, секогаш треба да бидете најподготвени, да го знаете предметот подобро и од судијата што го работи. Зошто? Затоа што можете да го направите тоа и морате бидејќи вие зависите од клиентот, вас ви зависат приходот и егзистенцијата од тоа како ќе се покажете во судницата, колку нови клиенти ќе привлечете ако застапувате совршено, ако застапувате подготвено“, нагласи претседателот на АКРМ.

Додевски им посочи на новите адвокати дека ќе им претстои професионална борба и во таа насока, тие треба добро да бидат подготвени. Тоа, подвлече Додевски, ви е сигурен пат до успехот во адвокатурата и уште многу споредни патеки што ќе ги изодите.

„Немојте да очекувате дека ќе ви цветаат рози на тие споредни и главни патишта. Во адвокатурата треба бидете подготвени на многу удари, само немојте да дозволите тие удари да си ги нанесувате меѓусебно со колегите. Бидете достоинствени во адвокатурата!“ нагласи претседателот на АКРМ, Никола Додевски.

(M.В)