/ Прочитано:

1.858

Новите измени на ЗРО: Високи казни за непријавени работници, бланко отказите одат во историјата

Вторник, 29 јануари 2013 – Со последните измени на Законот за работни односи (ЗРО) се предвидува поголема заштита на работничките права во однос на непријавените работници за кои следуваат ригоризозни казни и укинување на бланко отказите, посочи денеска министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

„Со најновите измени на Законот, кои се на јавна расправа, во консултација со синдикатите и работодавците, се обидовме да ги корегираме детектираните проблеми. Се предвидува да не постои бланко потпишана изјава за отказ на која работодавците дополнително само го допишуваа датумот. Сега се предвидува суштинскиот дел на текстот да биде унифициран, но еден дел да остане празен. Тука работодавецот и работникот ќе имаат обврска своерачно да го напишат името, презимето, датумот и местото на престанување на работниот однос“, изјави Спиро Ристовски, министерот за труд и социјална политика. 

Целта на измените е да се оневозможат обидите на работодавачите да фалсификуваат нечиј потпис, цело име и презиме или датум. Втора значајна измена во Законот е предлогот за воведување мандатни казни за непријавени работници. 

„Ќе се воведат мандатни казни ако се затекнат до две непријавени лица. Притоа, работодавецот ќе треба да плати по 1.000 евра за секое лице и обврска да ги пријави во рок од осум дена. Доколку не го направи тоа, објектот ќе биде затворен. Ако се најдат три или повеќе непријавени работници, нема да има мандатни казни, туку објектот веднаш ќе биде затворен и притоа работодавецот нема да смее да отпушти ниту еден вработен, туку ќе треба да им исплаќа плати во висина од 70 проценти од последната исплатена плата“, појасни министерот.