/ Прочитано:

10.470

Новите мерки на Владата за превенција и заштита од коронавирусот основа за дискриминација во остварување на човековите права и слободи

На 97. седница на Владата на Р С. Македонија од 7.8.2021 година се донесоа одлуки и заклучоци со кои од 16.8.2021 година се воведува задолжителна потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза, со задолжителна редарска служба заради контрола на приложување доказ за вакцинација при влез во секаков вид објект на затворено, вклучително и во угостителски објекти каде што има повеќе од 30 присутни лица, за каков било настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани) на отворено.

Вака поставената одлука на Владата е во неколку аспекти нејасна, контрадикторна и, пред сè, основа за дискриминација на граѓаните во остварување на човековите права и слободи. Целосно оградувајќи се од политичкиот контекст, оваа моја констатација ја темелам врз основа на една правна анализа на правни акти донесени од страна на релевантни институции.

Од страна на Парламентарното собрание на Советот на Европа на ден 27.1.2021 година се донесе Резолуција бр. 2361, која се однесува на вакцините против ковид-19 вирусот, како и етичките, правните и практични препораки. Со точката 7.3.1. од Резолуцијата Собранието на Советот на Европа бара „да се осигури дека граѓаните се информирани дека вакцинацијата не е задолжителна и дека никој не е под политички, социјален или друг притисок да се вакцинира доколку не сака да го стори тоа.“  Во точката 7.3.2. од истата резолуција се наведува  дека треба „да се осигури дека никој не е дискриминиран затоа што не е вакциниран поради можни здравствени ризици или не сака да се вакцинира.“

Со чл. 5 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, објавен во „Службен весник на РСМ“, бр. 258 од 30.10.2020 година, утврдени се дискриминаторските основи. Во согласност со овој член, меѓу другото, се забранува секаква дискриминација врз основа на здравствено уверување, како и врз основа на здравствената состојба. Со чл. 6 од истиот закон се прави прецизна дефиниција на поимот дискриминација. Во согласност со чл. 6, секое сторување кое има цел ограничување на правата и слободите на одредено лице или група на еднаква основа со други, вклучително и оневозможување на пристапност и достапност на инфраструктура добра и услуги, претставува дискриминација.

Врз основа на горенаведените релевантни правни акти, Владата на Р С. Македонија со донесената спорна одлука направила дискриминација врз граѓаните кои не се вакцинирани или кои не сакаат да се вакцинираат врз основа на здравствено уверување и здравствената состојба на истите, на начин што ги ограничува во правото на слободно движење предвидено во чл. 12 од Уставот на Р С. Македонија, како и на правото на слобода на уверувањето предвидено во чл. 16 од Уставот во однос на останатите граѓани во државата. На овој начин се прави социјален притисок граѓаните кои не се вакцинирани и кои не сакаат да се вакцинираат истите да бидат вакцинирани, што е во спротивност со препораките дадени од страна на Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Поради горенаведеното, очекувам Владата во најбрз можен рок да ги коригира ваквите дискриминаторски мерки и да донесе мерки кои ќе се однесуваат на сите граѓани на државата, кои нема да бидат дискриминаторски и кои навистина ќе придонесат во превенција и заштита од заболување со коронавирусот.

Адвокат Глигорие Ќатоски

Употреба на ресурси на приватните болници и надоместок во време на кризна состојба

Соопштение на Владата во врска со новите рестриктивни мерки