/ Прочитано:

1.632

НОВО ОД АКАДЕМИК: Коментар на Законот против нелојалната конкуренција од Валентин Пепељугоски и Ана Пепељугоска-Костовска

„Коментар на Законот против нелојалната конкуренција со селектирани одредби од Уставот, Законот за заштита на потрошувачите, Законот за индустриската сопственост и Кривичниот законик“ е новата книга во издание на Академик. Автори на книгата се адвокатите Валентин Пепељугоски и Ана Пепељугоска-Костовска.

Содржината на оваа публикација е дизајнирана на начин да ги опфати најзначајните прописи што ја регулираат материјата на заштита од нелојална конкуренција – прашање кое е од исклучително значење за функционирањето на модерното пазарно стопанство. Нејзината основна цел е даде придонес во оваа област за која во нашата држава недостасува правна литература, меѓутоа и да побуди интерес и внимание кај стручната, научната и пошироката јавност за досегашната и идната примена на Законот против нелојалната конкуренција и поврзаните законски прописи, со оглед на тоа што таа не содржи само теоретска, туку и практична расправа за одделните одредби од законите.

Во Коментарот на Законот против нелојалната конкуренција, покрај домашната теоретска мисла, материјата е коментирана и од аспект на компаративното право, особено правото на ЕУ. Посебно место во Коментарот има богатата домашна и странска судска пракса, со која се потврдуваат или се критикуваат одредени одлуки и/или законски решенија. Дополнителна вредност на овој труд му дава делот од Коментарот каде што по секој член од Законот против нелојалната конкуренција се наведува поврзаноста со одредбите од останатите македонски закони и меѓународни прописи (меѓународни конвенции и договори кои ги има ратификувано Република Северна Македонија и регулативите и директивите на ЕУ).

Публикацијата, покрај самиот Коментар на Законот против нелојалната конкуренција, содржи и извод на одредбите од членовите кои се однесуваат на заштитата од нелојална конкуренција од Уставот на Република Северна Македонија, од Законот за заштита на потрошувачите, од Законот за индустриската сопственост и од Кривичниот законик.

Оваа публикација е наменета за правните професионалци (адвокати, државни службеници, правобранители, обвинители и судии), но и за студентите, потрошувачите и бизнис-заедницата.

Цената на книгата е 1.320 денари (со вклучен ДДВ од 5%)