/ Прочитано:

1.445

Ново претседателство на Советот на адвокатски комори и правни здруженија на Европа

Ранко Пелицариќ, Маргарет фон Гален, Антонин Мокри и Жозе де Фреиташ

На 1 јануари оваа година Советот на адвокатски комори и правни здруженија на Европа (CCBE) доби ново претседателство. Како што информираат од Советот, нов претседател на оваа реномирана организација е чешкиот адвокат  Антонин Мокри, а нови потпретседатели се Жозе де Фреиташ од Португалија, како прв потпретседател,  и  Ранко Пелицариќ од Хрватска, како втор потпретседател. За трет потпретседател на Советот на адвокатски комори и правни здруженија на Европа е избрана Маргарет фон Гален од Германија. Изборот на новото претседателство, истакнуваат од Советот,  беше извршено на Пленарната седница која се одржа на 24 ноември.

Новиот претседател на Советот на адвокатски комори и правни здруженија на Европа,  Антонин Мокри, е адвокат од Прага, Република Чешка. Мокри е доктор на правни науки и бил потпретседател на Чешката адвокатска комора и член на претседателството на Советот на адвокатски комори и правни здруженија на Европа. Минатата година Мокри беше избран за потпретседател на адвокатската и правничка организација позната и како „Глас на правната професија“, која обединува над еден милион адвокати и правници од 32 земји.

Во својата земја, познатиот чешки адвокат работи во областите на трговското, граѓанското и трудовото право, потоа на правото на ЕУ, медицинското право и медијацијата, и тоа претежно во бизнисот и граѓанската материја.

Во едно од своите интервјуа, Мокри вели дека адвокатите мора да бидат гласот на правничката професија и да реагираат на важите општествени настани и процеси, особено од аспект на правото и законодавството.

Адвокатурата, нагласува чешкиот адвокат, во иднина ќе се соочува со бројни предизвици и затоа адвокатите мора да бидат иновативни за да одговорат подготвено на тие предизвици. За успех во адвокатската професија клучен е ентузијазмот, посветеноста и иновативноста.

„На своите помлади колеги, младите правници и адвокати, им велам дека секогаш треба да имаат на ум дека иднината на адвокатската професија е во иновативноста. Колку повеќе се иновативни и креативни толку  поголеми успеси ќе имаат во нивната професија во иднина“, посочува чешкиот адвокат и нов претседател на Советот на адвокатски комори и правни здруженија на Европа.

Повелбата за основните начела на европската правна професија, објавена од страна на Советот на адвокатски комори и правни здруженија на Европа, вели дека  уважувањето на професионалната функција на адвокатот и правникот е важен услов за владеењето на правото и демократијата во општеството. Во општество втемелено на уважување на владеењето на правото, се вели понатаму во Повелбата, правниците исполнуваат посебна улога. Обврските на правникот не започнуваат и не завршуваат со извршување на она кон што се упатени правниците или на она што им го дозволува законот.

Поаѓајќи од тоа, и улогата на адвокатот во општеството подразбира низа правни и морални обврски, кои понекогаш изгледаат конфликтни една со друга, особено ако се земе предвид дека тие обврски се однесуваат на односите на правникот кон клиентот, но и кон судовите, како и кон останатите органи пред кои адвокатот го застапува случајот на клиентот, или пак постапува во име на клиентот.

М.В