/ Прочитано:

2.436

Новогодишно обраќање на претседателот Ѓорге Иванов

Претседателот рече дека владеењето на правото подразбира дека сите луѓе, почнувајќи од него, независно од етничката, религиската, политичката и социјалната припадност, независно дали се на власт или во опозиција, се еднакви пред словото на законот. „За такво владеење на правото се залагам. Затоа и го потпишав Законот за формирање на СЈО. Бидејќи, без сузбивање на криминалот и на корупцијата, не можеме да градиме иднина за Република Македонија. Но, Специјалното јавно обвинителство е селективно и политизирано обвинителство кое наместо инструмент за правда, се сведе на инструмент за уцена на политичките противници. Потпишувајќи го Законот за формирање на СЈО, јас не очекував селективност и политизираност во неговата работа“.

Иванов обраќање

Во новогодишното обраќање до граѓаните претседателот Ѓорге Иванов повика на помирување и сплотеност во заштита на националните и државни интереси, но исто така упати и критики кон Европската Унија и НАТО и обвини домашни институции и политички партии за неодговорно однесување во текот на годината што изминува.

Во своето обраќање истакна дека Република Македонија е унитарна држава на сите нејзини рамноправни граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, христијани, муслимани, Евреи и атеисти, и дека е унитарна држава со мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично општество.

„Тоа е она по што сме различни од другите. Токму затоа мојот став е повеќе од јасен. Никогаш нема да се согласам Република Македонија да биде бинационална држава, истакна претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов во годишното обраќање до нацијата. „Слушам дека се бара двојазичност на целата територија на Македонија. Тоа прашање е затворено со амандманот 5 од Уставот на Република Македонија, кој произлезе од Охридскиот договор, каде што се регулира прашањето за службениот јазик во Република Македонија. Службената употреба на кој било јазик во Република Македонија зависи од статистиката, а единствен начин за добивање реална статистика е пописот. Последниот попис во Македонија беше пред цели 14 години. Тоа е предолг период за која било држава. Без нов попис на населението не може да се бараат права што зависат од статистиката. Очекувам новата влада што поскоро да спроведе попис за да видиме колку сме, да видиме дали реалноста на теренот соодветствува со тврдењата на некои политичари. Им порачувам дека е неодговорно да се бараат права без да се преземаат обврски, точно онака како што е наведено во амандманот 4 од Уставот на Република Македонија. А обврска и одговорност на секој граѓанин на Македонија, независно од етничката, верската, јазичната и идеолошката припадност, е да се грижи за доброто на оваа наша единствена заедничка татковина – Република Македонија“, порача Иванов во своето обраќање.

Претседателот рече дека владеењето на правото подразбира дека сите луѓе, почнувајќи од него, независно од етничката, религиската, политичката и социјалната припадност, независно дали се на власт или во опозиција, се еднакви пред словото на законот.

„За такво владеење на правото се залагам. Затоа и го потпишав Законот за формирање на СЈО. Бидејќи, без сузбивање на криминалот и на корупцијата, не можеме да градиме иднина за Република Македонија. Но, Специјалното јавно обвинителство е селективно и политизирано обвинителство кое наместо инструмент за правда, се сведе на инструмент за уцена на политичките противници. Потпишувајќи го Законот за формирање на СЈО, јас не очекував селективност и политизираност во неговата работа. Во такви сложени услови, како претседател на Република Македонија бев единствената институција со легитимитет и овластувања да носи одлуки. И, наместо да бидам пасивен набљудувач на отворен судир, понудив решение за кризата. Понудив помирување преку помилување на сите кои на еден или друг начин се вклучени во политичката криза. Еден ден, кога ќе бидат декласифицирани сите документи, граѓаните ќе имаат целосен увид во состојбата поради која ја презедов таа мерка. Но, ќе кажам само дека во состојба во која беше доведена во прашање иднината на државата, помилувањето беше единствениот мирен начин да се замрзнат непријателските намери меѓу спротивставените страни и да се избегне анархија. За таа моја одлука претрпев многу критики и обвинувања“, истакна претседателот Иванов.

Во однос на повеќемесечната политичка криза во Македонија, претседателот упати критики кон Европската Унија и НАТО. Во својот говор порача ЕУ да престане да ја блокира нашата иднина.

„Блокадата не е ништо друго освен казна за македонските граѓани. Не бараме  изговори и свесни сме за нашите пропусти. Но, исто така, свесни сме за пропустите и за неисполнетите обврски на НАТО и на Европската Унија кон Република Македонија. Нашите партнери во Брисел зборуваат за владеење на правото во Македонија. Апсолутно се согласувам дека треба уште многу да работиме на ова поле. Но, истовремено ги прашувам – ако ни забележувате за состојбата во судството, тогаш зошто не ни дозволувате да ги отвориме 23. и 24. поглавје за правосудството, основните права, правдата, слободата и безбедноста?“, рече претседателот Иванов. „Неодговорното однесување на НАТО и на Европската Унија кон Македонија неминовно се одрази на нашата внатрешна политика. Се изгуби реформскиот моментум, се затегнаа односите меѓу политичките партии и се намали трансформирачката моќ на Унијата. Последиците од блокадата станаа причина за нови блокади на Република Македонија. Секој проблем што го игнорирате доволно долго, ќе се јави како симптом што ќе боли. Тука доаѓаме до втората, внатрешна причина за политичката криза“, истакна Иванов.

Претседателот Иванов, како што истакна во своето обраќање, очекува од новата влада во својата програма да има два клучни приоритети: прво, заштита на државните интереси на Република Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата. Второ, системска реформа по кризата во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на Република Македонија.

„Овие приоритети се неопходни, пред сè, поради бројните закани со кои се соочуваме и поради внатрешните слабости кои ги имаме. Последиците од конфликтите во регионот на Северна Африка и на Блискиот Исток, илегалната миграција, активностите на странските терористички борци и на нивните поддржувачи, транснационалните криминални мрежи, насилниот екстремизам, радикализам и интересите на разни центри на моќ, влијаат врз поларизација на македонското општество“, порача претседателот Иванов.

Според шефот на државата, разузнавањето, Армијата на Република Македонија, граничната полиција, службите за спроведување на законите и Обвинителството мора да се трансформираат за да ја заштитат националната безбедност на државата, согласно промените на предизвиците и заканите со кои се соочуваме.   

А. Б.