Со армија на адвокати покрај себе, Обама и Ромни во жестока претседателска битка
Вторник, 6 ноември 2012 – Во екот на претседателските избори во САД, кандидатите Барак Обама и Мит Ромни се наоружаа и со илјадници адвокати покрај себе. Големи адвокатски тимови ги штитат изборните процедури во клучните држави како што се Пенсилванија, Охајо, Колорадо, и Вирџинија. Поучени од минатото, Американците не сакаат да доживеат реприза од претседателските избори во 2000 година меѓу Џорџ Буш и Ал Гор и долгите судски процеси за решавачките делегатски гласови на Флорида.
„Тие се асполутно адвокатизирани, имаат адвокатски тимови насекаде“, вели Ричард Хејвен, професор по право на Универзитетот во Калифорнија, Ирвин, пренесува онлајн магазинот Philly.com.
Двете страни со месеци работеа на тоа да се соберат волонтерски тимови на адвокати за да помогнат во мониторингот на на изборите, а се со цел да се спречат било какви неправилности. Ова поготово се однесува на спорните и тесни резултати, во тој случај настапуваат адвокатите, без разлика дали да се работи за спротивставување на конечниот биланс или се брани истиот.
Бил Крокер, адвокат од Остин, Тексас, кој е генерален советник во Републиканскиот национален комитет, вели дека правниот тим на партијата симулирал повеќе можни стратегии за денoт по изборите.
„Овие избори се толку тешки да се предвидат, ние сме повеќе во потрага по можности отколку веројатности. Се трудиме да се подготвиме за сите можности“, вели Крокер.
Постојат голем број на врвни адвокати во САД кои своите кариери ги градат работејќи на изборни кампањи. Таков е случајот со Роберт Бауер, кој претходно беше советник на претседателот Обама, а сега е на чело на адвокатскиот тим на овој кандидат, но и Бен Гинсберг кој работеше на претседателската кампања на Џорџ Буш во 2000 година и беше клучен играч во разрешавање на споровите околу гласовите на Флорида. Гинсберг денеска е на чело на правниот тим на противкандитатот на Обама, републиканецот Мит Ромни.
Сепак, она што може да се забележи е дека поголемиот дел од правниците се волонтери.
„Возбудливо е да бидеш дел од претседателска кампања“, вели еден од волонтерите. Додава дека повеќето од адвокатите се и силни поддржувачи на одредена политика, или се републиканци или се демократи и сакаат да помогнат.
Она што е забележливо во САД последниве години е дека партиите и кандидатите се тужат повеќе од било кога. Од спорната 2000 година, тужбите поврзани со избори се зголемиле од 96 на 239 минатата година. Правните тимови одбраната ја градат долг период пред почетокот на самите избори. Марк Арончик, кој е партнер во фирмата Hangley Aronchick Segal Pudlin & Schiller, вели дека фокусот е на гласачките процедури.
„Споровите околу овие прашања можат да бидат мошне проблематични по изборите“, вели Арончик.
Посочува дека таков е примерот со гласачкото ливче, познато како „пеперутка ливче“, вака наречено поради препознатливиот дизајн. „Ова ливче ги збуни гласачите во Палм Бич Каунти каде и се водеше главната битка за резултатите од претседателската трка во 2000 година“, вели Арончик, кој тогаш бил дел од Демократскиот правен тим во Флорида.
Во Пенсилванија, републиканците и демократите со месеци расправаа околу Законот за документите за идентификација на гласачите во државата, кој пак судијата Роберт Е. Симпсон од судот на Комоновелтот го стопираше со заклучок дека нема доволно време за оние гласачи на кои треба да им се издадат посебни документи за идентификација од државата.
„Потребни се очи и уши од двете страни за да бидете сигурни дека законот се почитува“, вели Линда Кер, адвокатка која волонтира во републиканскиот тим.