Омбудсманот за штрајкот на лекарите: Никој не може да го оспори правото на штрајк, но треба да се внимава и на правата на пациентите
Среда, 5 декември 2012 – Никој не може да го оспори правото на штрајк на граѓаните или на вработени без разлика за која област се работи, но со закон е предвидено дека треба да се запази минимумот за непречено остварување на правата од здравствена заштита на пациентите, изјави народниот правобранител Иџет Мемети одговарајќи на новинарско прашање на тркалезната маса посветена на дискриминацијата.
– На меѓународен и на домашен план има правила на однесување за време на штрајк. Ако одреден револт се изразува на таков начин секако дека има правила како треба да се организира штрајкот и да се изразува, рече Мемети и додаде дека правото на штрајк не е како и другите права, односно не е апсолутно, изјави народниот правобранител.
Мемети посочи дека не може во коментов да каже кој е во право во конкретната ситуaција затоа што треба сериозно да се разгледаат сите аспекти штрајкот и на крај да извлече заклучок кој ќе биде меродавен. Информираше дека разговарал телефонски со претставници на штрајкувачите-лекари и дека денеска до институцијата Народен правобранител доставиле документација, по која треба да се постапува.