/ Прочитано:

1.330

Објавен Извештајот за напредокот на Македонија — процесот на пристапување кон Европската унија ќе напредне со свое поместување од политичкиот делокруг во правна рамка

Во духот на политиката на проширувањето на ЕУ, Европската комисија го објави денеска (16.04.2013) Извештајот за напредокот на Република Македонија. Комисијата ги поздравува напорите за продолжување на реформскиот процес во земјата и покрај политичките тензии. Европската комисија внимателно и детално ги следи сите случувања во земјата, уверува Малинка Ристевска-Јорданова, директорка на Институтот за европски политики од Скопје. Димитри Коченов, експерт по уставно право на ЕУ на Универзитетот во Гронинген, тврди дека претпристапниот мониторинг силно влијае врз крајниот резултат на претпристапниот процес, но категорично укажува оти пристапувањето кон Европската унија вистински ќе резултира со успех кога процесот, наместо да биде предмет на политички одлуки, ќе се смести во утврдена правна рамка. Ерван Фуере, поранешниот евроамбасадор во Македонија, порачува дека ригорозната примена на условувањето во процесот на проширување ќе помогне да се врати јавната доверба во самиот процес и на државите-членки и на земјите-кандидатки.

Во денеска објавениот Извештај, Европската комисија ги поздравува напорите за продолжување на реформскиот процес во земјата и покрај политичките тензии, истакнувајќи го континуираниот предизвик на зачувување на динамиката на политичкиот дијалог, со цел да се надмине политичката криза. Според белешките на Комисијата, имплементацијата на реформите во Македонија, според утврдените индикатори и во согласност со текот на Претпристапниот дијалог на високо ниво, продолжува и понатаму, при што е нотиран очигледен напредок на речиси сите полиња. Односите со соседните земји задржале добра развојна линија, а преземени се и конкретни чекори во врска со билатералните односи со Бугарија и со Грција. Во Извештајот се наведува дека динамиката на напредокот забележана во изминатите шест месеци стои пред предизвикот правилно да се одржи за да се искористат сите постојни можности насочени кон унапредување на македонската евроинтеграција.

Експертските кругови упатени во подробностите на евроинтегративниот процес се одамна согласни за важноста на претпристапниот мониторинг на напредокот на државите-кандидатки како клучен механизам за унапредување на нивната интеграција во Европската унија. Огледан во континуирана функција на следење на постапка на постигнување резултати, со цел да обезбеди рани показатели на напредок или на недостаток од него, мониторингот на Европската унија е клучен фактор за успешноста на политиката на условување од Брисел. Претпристапниот мониторинг во земјите-кандидатки е потфат кој вклучува многубројни технички и човечки ресурси: Европската комисија како застапник на Унијата и „раководител“ на проширувањето, и државниот апарат на Република Македонија како институционален „спроведувач“ на европската агенда реформи носат еднакво тешка обврска, но и одговорност, како главни чинители во процесот.

Димитри Коченов, експерт по уставно право на ЕУ на Универзитетот во Гронинген, вели дека во главната одредба за проширувањето на Унијата — Членот 49 од Договорот за ЕУ — не споменува ништо за политиката на условеност, ниту пак се вброени механизми, кои државите-членки или институциите на ЕУ би ги примениле за да ја проверат усогласеноста на државите-кандидати со Копенхагеншките критериуми. Напротив, целиот претпристапен процес се изведува врз основа на повеќе документи како редовните Извештаи за напредок, кои не се цврсто врзани ниту за основачкиот Договор на ЕУ, ниту за Копенхагеншките критериуми. Дотолку повеќе, Коченов тврди оти примената на политиката на условеност не бара одговор на прашањето дали некоја држава-кандидатка ги исполнила минимумот услови за членство колку што е е фокусирана на мониторирање на реформите во земјата-процес врзан за постојани измени и прилагодување на критериумите, следењето и оценувањето, како и на решенијата на проблемите кои се јавуваат во претпристапниот процес. Следствено, Коченов е уверен оти мониторингот има силно влијание врз крајниот резултат на претпристапниот процес.

Според природата на евроинтегративниот процес, Комисијата го испитува и оценува во годишните Извештаи напредокот постигнат од секоја држава-кандидатка во однос на Копенхагеншките критериуми, со особено внимание на спроведувањето на правото на ЕУ. Европската комисија е честопати набљудувана како најсилен двигател на процесот на проширување, а неретко се вели дека ужива и најголема моќ со оглед на нејзиниот капацитет да го стимулира напредокот со тоа што може да даде позитивна оценка за исполнувањето на критериумите. Изгледите за унапредување на процесот можат да бидат вистински поттик за државата-кандидатка, зашто дури и ако не ги исполни благовремено зададените услови, односот меѓу Комисијата и кандидатот нема се унапреди, но од друга страна, ниту ќе се казни, ниту ќе подлегне на санкции. Во таа смисла, мониторингот има значаен удел во поддршката на државата-кандидатка соодветно да одговори на предизвиците и служи како основа за донесување на одлуката во Европскиот совет кому од кандидатите ќе му биде понуден прием за членство.

Земајќи ги под лупа Извештаите за напредокот на Република Македонија од 2005 година, кога беше стекнат кандидатскиот статус, до денес, вниманието на прв поглед го привлекува најмногу дипломатскиот тон на дискурсот обединет во годишните Извештаи. Во јазикот на овие документи се препознава учтив, формален и крајно внимателен пристап кон пренесувањето информации: Европската комисија, очигледно, се држи на извесна дистанца од земјата-кандидатка, употребувајќи балансирана, умерена лексика, со што ефективно ги контролира семантичките нијанси на зборовите. Директорката на Институтот за европски политики од Скопје, Малинка Ристевска-Јорданова, посочува оти Европската комисија внимателно ги следи случувањата во земјата преку активностите водени од Делегацијата на ЕУ во Скопје.

„Делегацијата има востановено доследен триаголник за прибирање информации од сите релевантни области. Во него се вклучени самата влада, со своите министерства и агенции; претставници на државите-членки на Унијата во својство на амбасадори, коишто редовно вршат размена на дописи во координација со Претседателството на Советот на ЕУ, и најпосле е застапен и невладиниот сектор, чија експертиза и опсервации се сметаат за вреден показател на напредок во секоја област подложена на јавна дискусија. Притоа, за следење на степенот на напредување на подолга временска линија, владините податоци се споредуваат со извештаите објавени од невладините организации. Дотолку повеќе, Европската комисија посветува исклучително големо внимание на изјавите што непосредно доаѓаат од лидерите на политичките партии, со цел да не забави политичката динамика или, пак, да се наруши општиот консензус“, истакнува Ристевска-Јорданова.

Фуере: на критичната политичка ситуација во Македонија ѝ е потребен многустран дијалог

Ерван Фуере, поранешниот евроамбасадор во Македонија, во напис за Центарот за европски политички студии во Брисел, на 27 март 2013 година, нотира оти Македонија се соочува со драматична политичка ситуација. Потсетувајќи на критичниот настан во македонското собрание на 24 декември 2012 година, Фуере потцртува оти владата на Груевски не се заложила за каква било форма на разумен политички дијалог во последните неколку години. Според него, ниту опозицискиот камп не е безгрешен, но владата не се ни обидела да ја поправи штетата или, пак, да подаде рака за помирување. Последните случувања, како и неволноста на владата да го унапреди духот на постигнување заеднички компромис, доведоа до ерозија на основните демократски вредности и стандарди во државата, а едновремено придонесоа и кон продлабочување на недовербата во веќе поделеното општество.

Пораките испраќани од страна на Европската унија, додава Филе, речиси секогаш се изобличуваат од страна на провладините медиуми, додека оние малкумина независни што верно ги пренесуваат ставовите на Брисел континуирано се заплашувани и малтретирани. Иронично, спорот за името со Грција го влече најголемото внимание во целата дебата за идното членство на Македонија во ЕУ, безмалку добивајќи функција на жртва за одвлекување на вниманието од сериозната внатрешно-политичка ситуација и од недостигот од политички дијалог.

Во насока на унапредување на агендата на проширување кон Балканот, Фуере изразува надеж оти Европската унија ќе продолжи да применува стратегија што ќе носи придобивки за сите вклучени страни, како што е во случајот со Косово и со Србија, и да покаже подготвеност за прилагодување на својата стратегија каде што е потребно, како во случајот на Македонија. Унијата, според Фуере, треба да ги искористи најголемите слабости во реформскиот процес како аргумент за убедување на државите-членки да се согласат дека отворањето на преговорите за членство е најефективниот начин за гарантирање на стабилноста, како и за поголема контрола врз актуелните политички лидери во земјата. Како што претходно истакнал и комесарот за проширување, Штефан Филе, укажува Фуере, ригорозната примена на условувањето во процесот на проширување ќе помогне да се врати јавната доверба во самиот процес и на државите-членки и на земјите-кандидатки.


Автор: Далибор Стајиќ Објавено на: 16.04.2013