/ Прочитано:

566

Објавен новиот мониторинг извештај за Државното правобранителство

Проектот „Заедно во борба против корупција” го спроведуваат СКУП, како носител, Институтот за човекови права (ИЧП) и Медиум, како партнери, за подобрување на капацитетите на граѓанскиот сектор за остварување на улогата на контролори на работата на државните органи со цел законито и транспарентно извршување на функцијата и спречување ризици од корупција и злоупотреба на службената должност.

Во рамки на третата година од имплементацијата на овој проект ИЧП и понатаму врши континуиран мониторинг на работата на Државното правобранителство на РСМ (ДПРСМ) преку следење на судските и управните постапки во кои Државното правобранителство се јавува како странка во постапката, односно како овластен застапник, по закон, на државните органи. Во согласност со законската регулатива, Државното правобранителство е орган кој ги штити имотните права и интереси на државата.

Водејќи се од начелата на транспарентност, интегритет и одговорност, Државното правобранителство има обврска нив да ги почитува и да ги имплементира во своето функционирање. Во изминативе три години од спроведувањето на проектот и понатаму преовладува ставот дека работата на Државното правобранителство не е медиумски експонирана, не се преземаат доволно мерки за зајакнување и унапредување на неговите институционални капацитети и честопати во јавноста оваа институција се поистоветува со Народниот правобранител.

Од таа причина, мониторингот што го спроведува ИЧП има цел да ја доближи оваа институција до граѓаните, но и да ги детектира слабостите во работењето, кои потоа ќе претставуваат основа за изготвување на предлог-мерки за подобрување на работата на Државното правобранителство.

Извештајот може да се преземе на следниот линк.

М.В