/ Прочитано:

1.256

Објавен оглас за волонтери во државните институции

Понеделник, 17 јуни 2013 – Канцеларијата на премиерот и Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија распишаа оглас за ангажирање волонтери во периодот од 1 јули до септември. Предност ќе имаат имаат студентите на правни, политички, економски и филолошки науки, информира денеска владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Јавниот повик трае до 21 јуни, изјави Ѓорѓиев и посочи дека до крајот на овој месец ќе трае селекцијата на оние што ќе пројават интерес за волонтирање во Владата и во Генералниот секретаријат.

Тестирањето, како што посочи портпаролот, е многу едноставно и оти секој заинтересиран студент може до архивата на Владата да поднесе мотивациско писмо во кое ќе ги наведе сопствените мотиви за волонтирање, кратка биографија со своите референци, досегашното образование и дополнителни искуства доколку има такви и фотокопија од неговиот индекс преку која ќе се види годинат на студии.

Во процесот на селекција најнапред ќе се разгледуваат поднесоците коишто се по писмен пат доставени до Владата по што ќе следуваат интервјуа со потенцијалните кандидати. По финалниот избор започнувајќи од 1 јули 2013 година до 15 септември оние лица коишто ќе се квалификуваат ќе можат во рамки на работата на Канцеларијата на премиерот и на Генералниот секретаријат секојдневно да доаѓаат на работа и да увидат како се извршуваат работните задачи, како функционира системот и како се креираат политиките и се реализираат во овие две институции, соопшти Ѓорѓиев.

Надомест по основ за волонтирање којшто ги покрива трошоците за превоз и за прехрана, ќе изнесува од 4.000 до 4.500 денари.

Ѓорѓиев изјави дека оваа година има најава од повеќе институции и министерства дека ќе објават огласи за волонтирање и да го поддржат овој процес.

„Досега сме известени од министерот за правда дека ќе распише јавен оглас за волонтери, министерот за образование и наука, за здравство, за труд и социјална политика и други институции коишто дополнително ќе ја информираат јавноста за роковите за аплицирање, изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Од владата апелираат да се пријават што поголем број студенти независно од етничката и верската припадност и други определби.

„На овој начин со иницирањето на промоција на волонтерството од страна на премиерот и неговиот Кабинет сакаме да апелираме и до претставниците на приватниот сектор, до компаниите, до јавниот сектор  и тие што повеќе да бидат вклучени во овој процес и да дадат поголема шанса за волонтирање особено во летниот период кога студентите не одат на факултет да можат да се запознаат со работата во приватниот сектор и на тој начин да дадат придонес во дооформувањето на личностите, но и како професионалци“, изјави Ѓорѓиев.