/ Прочитано:

1.911

Објавен Предлог-законот за лицата без регулиран граѓански статус

Министерството за труд и социјална политика го објави текстот на  Предлог-законот за лицата без регулиран граѓански статус.

Со овој закон се уредува начинот на прибирање и евиденција на личните податоци за лицата без регулиран граѓански статус, видот на податоците што се евидентираат, постапката (начинот) на стекнување својство на лице со посебен граѓански статус за лица без регулиран граѓански статус и дополнителниот упис на овие лица во матичната книга на родените согласно со закон.

Цел на овој закон е стекнување својство на лице со посебен граѓански статус, поради остварување право на образование, здравствена заштита, социјална заштита и вработување со задолжително социјално осигурување согласно со закон.

Како што се дефинира во Предлог-законот, „лице без регулиран граѓански статус“ е лице што живее на територија на Република Северна Македонија и/или е родено на територијата на Република Северна Македонија, не е запишано во матичната книга на родени и нема својство на странец со регулиран престој.

„Регистар за лица без регулиран граѓански статус“ е пропишана евиденција во електронска форма за привремено запишување на податоци на лица без регулиран граѓански статус согласно со овој закон.

„Посебна матична книга на родените” е книга на родените во која се внесуваат податоци за лицата со утврден посебен граѓански статус и врз основа на која се издава посебен извод од матичната книга на родените за овие лица со времен карактер.

„Лице со посебен граѓански статус“ е лице што е запишано во посебна матична книга на родените и врз основа на тоа може да остварува право на образование, здравствена заштита, социјална заштита и вработување со задолжително социјално осигурување, до завршување на постапката за дополнителен упис во матичната книга на родените согласно со закон.

„Овој закон се применува на лица што живеат и/или се родени на територијата на Република Северна Македонија и кои не се запишани во матичната книга на родени согласно со закон и немаат својство на странец со регулиран престој, а се евидентирани согласно со јавниот повик објавен од 1.4.2018 до 1.11.2018 година. Овој закон се применува и на лицата за кои е во тек постапка за дополнителен упис во матичната книга на родени пред објавување на јавниот повик и децата што се родени по завршувањето на јавниот повик, а не исполнуваат услови за запишување во матичната книга на родени согласно со закон“, се пропишува во Предлог-законот, кој може да се коментира на следниов линк.

Се подготвува Закон за лицата без регулиран граѓански статус

Системски решенија за регистрација на лицата без документи

М.В