/ Прочитано:

6.113

Објавен текстот на новиот Предлог-закон за облигационите односи

Министерството за правда го објави текстот на новиот Предлог-закон за облигационите односи. Целта на новиот закон е усогласување со неколку директиви, и тоа: Директивата 2011/7/(ЕУ) за борба против задоцнето плаќање во трговските трансакции, во поглед на казнените камати, Директивата 2011/83/ЕУ за правата на потрошувачите, во поглед на правата на патниците кај договорите за организирање патување, потоа Директивата 86/653/ЕЕЗ за усогласување на правата на државите членки во поглед на самовработените трговски застапници и Директивата (ЕУ) 2015/2302 за пакет-аранжманите и поврзаните патнички аранжмани.

„Постојниот Закон за облигационите односи е донесен во 2001 година. Со него за прв пат се напуштија некои концепти и решенија и се воведоа нови. Со оглед на изминатиот временски период и динамиката на промените во општествените текови и општественото живеење, но и промените во законодавството на ЕУ во одредени области, се јави потребата од целосна ревизија на систематизирањето и регулирањето на облигационите односи. За таа цел со Стратегијата за реформи во правосудниот сектор 2017 – 2022 се предвиде донесување на нов Закон за облигационите односи како стратешка определба за усогласување на граѓанскоправната област со европските стандарди и современите општествени текови“, велат од Министерството за правда.

Со Законот за облигационите односи  се уредуваат основите на облигационите односи (облигациите), договорите во прометот на стоки и услуги, како и другите видови облигациони односи.

Облигационите односи настануваат од согласност на волји, причинување штета на друг, неосновано збогатување, неповикано вршење туѓи работи, еднострана изјава на волја и од други факти признати со пропис, одлука на суд или друг орган на јавната власт. Страни на облигационите односи можат да бидат физички и правни лица. Страните слободно ги уредуваат облигационите односи во согласност со Уставот, присилните прописи и добрите обичаи (моралот).

Целиот текст на Предлог-законот за облигационите односи може да се преземе на следниот линк.

Се подготвува нов Закон за облигационите односи, чија цел е  усогласување со европските стандарди

М.В