/ Прочитано:

2.598

Објавен текстот на новиот Предлог-закон за следење на комуникациите

Министерството за внатрешни работи го објави новиот Предлог-закон за следење на комуникациите. Со усвојувањето на предложениот закон, посочуваат од МВР, ќе се надминат детектираните проблеми во областа на следењето на комуникациите и ќе се овозможи доследна практична имплементација.

 Со овој Предлог- закон за следење на комуникациите  се уредуваат постапката за спроведување посебна истражна мерка „следење и снимање на телефонските и другите електронски комуникации“, потоа условите и постапката за спроведување на мерките за следење на комуникациите заради заштита на интересите на безбедноста и одбраната на државата и обврските за Оперативно- техничката агенција и операторите и надзорoт и контролата на примена на мерките за следење на комуникациите.

„Барање за донесување наредба за спроведување на посебна истражна мерка: следење и снимање на телефонските и другите електронски комуникации до надлежниот судија поднесува надлежниот јавен обвинител по сопствена иницијатива или по предлог на овластено лице од правосудната полиција“, се пропишува во законското решение.

Судијата на претходната постапка одлучува за барањето за спроведување на посебната истражна мерка најдоцна во рок од 48 часа од поднесувањето на барањето. Ако судијата на претходната постапка не се согласи со барањето за спроведување на посебна истражна мерка, се постапува во согласност со одредбите на Законот за кривичната постапка со кои е регулирана постапката во случај кога судијата на претходната постапка не се согласува со предлогот на јавниот обвинител.

По исклучок, се пропишува во законот, во итни случаи, кога постои опасност од одлагање, судијата на претходната постапка може да издаде усна наредба со која ќе дозволи спроведување на посебната истражна мерка за време од 48 часа, врз основа на поднесено образложено усно барање за спроведување на посебна истражна мерка  од страна на надлежниот јавен обвинител.

Во законот се пропишува дека мерки за следење на комуникациите заради заштита на интересите на безбедноста и одбраната на државата се : 1.следење и снимање на телефонски и други електронски комуникации; 2. надзор и техничко снимање на внатрешноста на објекти, затворени простории и предмети и влез во тие објекти, затворени простории и предмети, заради создавање услови за спроведување на мерката; 3. следење и набљудување со светлосно снимање на лица на отворен простор и на јавни места и 4. следење и набљудување со звучно снимање на содржината на комуникациите на лица на отворен простор и на јавни места.

 Во делот за правата и обврските на Оперативно-техничката агенција и операторите во законот се пропишува дека по приемот на судската наредба, односно писменото известување за издадена усна судска наредба, овластеното лице во ОТА е должно:

– веднаш да ја активира и направи достапна комуникацијата за која е издадена наредбата до овластените лица во органите овластени за следење на комуникациите во согласност со овој закон;

– да овозможи пристап до средствата за собирање податоци од комуникациско-информациските системи на органите овластени за примена на мерките за следење на комуникациите.

ОТА и операторите се должни активностите поврзани со следење на комуникации да ги забележуваат во системот на електронскиот регистар. Операторите, се пропишува во законот, се должни да ги обезбедат сите неопходни технички услови за да овозможат следење на комуникациите во нивните мрежи, во согласност со овој закон.

Во Предлог-законот се нормираат и надзорот и контролата над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите. Надзор над мерките за следење на комуникациите што се спроведуваат од овластените органи за спроведување на посебната истражна мерка, овластените органи за спроведување на мерките за следење на комуникациите заради заштита на интересите на безбедноста и одбраната на државата, како и надзор над операторите и ОТА вршат:  Собранието на Република Македонија; Советот за граѓанска контрола; Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации; Дирекцијата за заштита на лични податоци и Народниот правобранител.

Контрола, пак, над законитоста на спроведувањето на посебната истражна мерка на овластените органи за спроведување на посебната истражна мерка, операторите и ОТА вршат јавниот обвинител кој ја води истрагата и судијата на претходна постапка кој ја издал наредбата за посебната истражна мерка во согласност со закон.

Контролата над законитоста на спроведувањето на мерките за следење на комуникација на  овластените органи за спроведување на мерки за следење на комуникациите заради заштита на интересите на безбедноста и одбраната на државата, операторите и ОТА вршат јавниот обвинител на Република Македонија и судијата на Врховниот суд кој ја издал наредбата за следење на комуникациите.

Законското образложение на Предлог- законот за следење на комуникациите

Се брише членот 175 од Законот за електронските комуникации во кој се пропишуваат должностите на операторите при следење на комуникациите

Во подготовка нов Закон за следење на комуникациите и нов Закон за оперативно-техничка агенција усогласени со препораките на Прибе

М.В