Објавен текстот на Предлог-законот за лобирање, кој ќе овозможи влијание при донесувањето прописи
Министерството за правда го објави текстот на Предлог-законот за лобирање, кој е во фаза на подготовка и за кој може да се поднесуваат коментари и забелешки.
Со Предлог-законот за лобирање се уредуваат условите за стекнување својство на лобист и лоби организација, регистрирањето на лобистите и лоби организациите, водењето на Регистарот на лобисти и лоби организации, правата и обврските на лобистите и лоби организациите, обврските на лицето кај кое се лобира и санкциите што можат да му се изречат на лобистот или на лоби организацијата поради непочитување на одредбите од овој закон.
Предлог-законот за лобирање се однесува на лобирањето кај законодавната и извршната власт на централно ниво, како и кај советот и градоначалникот на локално ниво.
Лобирање, се вели во Предлог-законот, е активност со цел остварување влијание врз процесот на разгледување и донесување на закони, подзаконски акти, одлуки и други акти што ги носат државните органи, органите на единиците на локалната самоуправа и носителите на јавни овластувања.
Лобирањето не се однесува на прашања што се предмет на судски или управни постапки, или други постапки што се извршуваат согласно прописите што ги уредуваат јавните набавки, како и постапки во кои се одлучува по правата и обврските на поединци.
Лобирањето подразбира контакт, кој не е јавен, со лобираната страна. Нарачател на лобирање, се пропишува понатаму во Предлог-законот, е заинтересирано физичко или правно лице кое има интерес од лобирање пред законодавната, извршната или локалната власт. Нарачателот на лобирање ангажира лобист или лоби организација заради вршење лобирање врз основа на договор кој се склучува во писмена форма.
Лобирање може да вршат само регистрирани лобисти или лоби организации. Лобист е физичко лице запишано во Регистарот на лобисти и лоби организации. Лоби организација е правно лице или трговец поединец кои се запишани во Регистарот на лобисти и лоби организации и кои имаат регистрирано дејност за лобирање.
Во подготовка измени на Законот за лобирање
М.В