/ Прочитано:

572

Објавен текстот на Предлог-законот за помилување, кој предвидува построги критериуми за помилувањето

Министерството за правда на ЕНЕР го објави текстот на Предлог-законот за помилување, кој како новина за подобрувањето на функционалноста на правниот систем беше најавен кон крајот на минатата година.

Да се отстранат сомнежите во институтот „Помилување“

Со новиот закон, посочија од Министерството за правда, ќе се зацврстат критериумите и ќе се дефинираат нови построги услови за тој кој може да биде помилуван.

„Со тоа сметаме дека ќе се минимизираат шансите на листите за помилување во иднина да се најдат лица кои во јавноста предизвикуваат сомнеж за нормалното функционирање на правниот систем“, нагласија од Министерството.

Целта на Предлог-законот, се вели во законското образложение, е да се подобри уредувањето на помилувањето како институт и да се елиминират недостатоците во сегашниот закон.

Во подготовката на законското решение анализирани се прописи, акти како и препораки на Европски суд за човековите права и генералните принципи на законите на Европската унија.

Помилувањето го дава Претседателот на државата

Со Предлог-законот за помилување се регулираат видовите помилување, дејството на помилувањето, лицата овластени за поднесување молба за помилување, како и постапката и актите на надлежните органи во врска со помилувањето.

Во Предлог-законот се пропопишува дека Претседателот на Република Северна Македонија дава помилување на поименично определени лица за кривични дела предвидени со законите на Република Северна Македонија, согласно со одредбите на Кривичниот законик.

Помилувањето се дава поименично на определено физичко лице заради: потполно или делумно ослободување од издржување на казната по правосилна пресуда; замена на изречената казна со поблага казна по вид и висина или со алтернативна мерка; замена на алтернативната мерка со друга мерка по вид; давање на предвремена рехабилитација; укинување или одредување на пократко траење на правните последици на осудата; и укинување или одредување пократко траење на мерките за безбедност.

Во законското решение, исто така, се пропишува дека постапката за помилување се поведува со молба на осудениот или неговиот бранител. Исто така, молба во корист на осуденото лице, со писмена изјава за согласност на осуденото лице, може да поднесат и брачниот другар, роднина по крв во права линија, брат, сестра, посвоител, посвоеник, хранител или старател.

Молбата за помилување може да се поднесе по правосилноста на пресудата

Во Предлог-законот се пропишува дека молбата може да се поднесе по правосилноста на пресудата.

Молбата се поднесува до Министерството за правда кое утврдува дали постојат услови за водење на постапка за помилување. Во врска со молбата Министерството за правда ги собира потребните податоци и подготвува извештај. Извештајот, кој се изработува во рок од 30 дена по добивањето на податоците, заедно со списите се доставуваат на Комисијата за помилување во Министерството.

Комисијата за помилување во Министерството подготвува писмено образложено мислење за молбата кое министерството заедно со извештајот за молбата ги доставува до Претседателот на државата, кој е надлежен да донесе одлука за помилување на осудено лице, одлука за одбивање на молбата за помилување на осудено лице, решение за уважување на молбата за помилување или решение за одбивање на молбата за помилување.

Комисија составена од истакнати стручњаци

Комисија за помилување во Министерството за правда е составена од министерот за правда кој е член по службена должност  и шест членови со мандат од четири години. Со Комисијата за помилување во Министерството претседава министерот за правда.

Членовите на Комисија за помилување во Министерството ги назначува министерот за правда по објавен јавен повик на веб страницата на Министерството. Членовите на Комисија за помилување во Министерството се назначуваат од редот на истакнати стручњаци со професионално работно искуство во областа од најмалку 10 години, од кои тројца се од областа на правото и по еден од областа на медицината, психологијата и социологијата.

Комисија за помилување кај Претседателот 

Во Предлог-законот се пропишува дека Претседателот на Република Северна Македонија може да формира Комисија за помилување како советодавно тело и ги назначува нејзините членови. Бројот на членовите, начинот на работата и надоместокот за работата на членовите на Комисијата ги утврдува Претседателот.

 

Текстот на Предлог-законот може да се преземе на следниот линк: Предлог-закон за помилување