/ Прочитано:

1.278

Објавен текстот на предлогот на Законот за употребата на македонскиот јазик

Предлогот на Законот за употребата на македонскиот јазик, чија цел е да се придонесе кон подигањето на јазичната култура, негувањето и заштитата на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, почитувањето и унапредувањето на јазичниот стандард, како и кон афирмирање на македонскиот јазик во странство преку обновување на старите и отворање нови лекторати по македонски јазик на странските универзитети, е поставен на ЕНЕР.

Како што се наведува во образложението на предлогот, „Со Законот, чие донесување се предлага, се уредуваат употребата на македонскиот јазик, утврден со Уставот како службен јазик во Република Северна Македонија, основањето на Советот за македонски јазик и неговите надлежности, испитот за добивање лекторска лиценца, основањето на Инспекторатот за македонски јазик и неговите надлежности, надзорот над спроведувањето на овој закон и други прашања од значење за употребата на македонскиот јазик. Според одредбите од овој предлог македонскиот јазик, е македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо

Употребата на македонскиот јазик, во смисла на овој предлог, ги опфаќа неговата примена, заштита, унапредување и збогатување.

Во согласност со Законот за заштита на културното наследство, македонскиот јазик е нематеријално културно наследство на Република Северна Македонија.

Со предлогот на Законот не се ограничуваат правото на слободно творештво и развивањето на јазичниот идентитет на граѓаните на Републиката. Исто така со овој закон не се ограничува употребата на слободен говор (дијалектен јазик, разговорен јазик и сл.) во уметничкото творештво од сите видови.

Практичната примена, заштитата, унапредувањето и збогатувањето на македонскиот јазик опфаќаат особено: посветеност за правилната употреба на македонскиот јазик во процесот на воспитанието и во сите степени на образованието; посветеност за правилната употребата на македонскиот јазик, како и правилен изговор во средствата за масовна комуникација, особено преку печатот, електронските медиуми и интернетот, радиото и телевизијата; афирмирање на потребата од зголемена општествена и индивидуална грижа за правилната употреба на македонскиот јазик во јавната комуникација; афирмирање на македонскиот јазик во светот преку поддршка на неговото изучување во странски образовни институции, на сите степени во образованието, преку иницирање предлози за отворање лекторати за македонски јазик во странство, како и поддршка на работата на постојните лекторати во странство; поддршка на изучувањето на македонскиот јазик во Републиката и во македонските средини во странство; грижа за правилната употреба на македонскиот јазик во законодавната, судската и извршната власт, како и поттикнување на правилната употреба на македонскиот јазик во усната и писмената комуникација меѓу органите во законодавната, судската и извршната власт; стимулирање и поддршкана програми, рубрики и емисии за употребата на македонскиот јазик, како и изработка на компјутерски програми; стипендирање студенти за изучување на македонскиот јазик во сите степени на високото образование; грижа за создавање научен подмладок за научно истражување на македонскиот јазик; предлагање кандидати за државни награди и признанија од областа на проучувањето и афирмацијата на македонскиот јазик во Републиката и во странство; поддршка за учење на македонскиот јазик, како странски јазик, во и надвор од Републиката; укажување на јазичните недоследности и неправилности во употребата на македонскиот јазик; континуирани обуки за правилна употреба на македонскиот јазик за вработените во: културните, воспитните, образовните, научните и стручните установи и институции, државната и јавната администрација, судовите и во средствата за масовна комуникација; организирање курсеви, семинари, советувања и други слични активности за правилната употреба на македонскиот јазик во Републиката и во странство; издавање публикации на македонски јазик во Републиката и во странство; проверка на познавањето на македонскиот јазик како услов за добивање државјанство на Република Северна Македонија, согласно закон; издвојување средства во Буџетот на Република Северна Македонија за научно-истражувачки проекти од областа на македонскиот јазик.“

Целосниот текст на предлогот на Законот може да го видите тука.