/ Прочитано:

3.009

Објавени и останатите одлуки за поништување на одлуките за помилување

Во одлуката за поништување на одлуката за помилување за лицата Владислав Стајковиќ и Христијан Панев од Скопје не е наведено името на Коста Крпач кој со одлука со број 08/-545/1 од 12 април беше помилуван заедно со Панев и Стајковиќ.

Поништување на одлуките за аболиција

Во 17 одлуки, потпишани од претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во „Службен весник“ објавени се и преостанатите лица за кои Иванов ги поништи претходно донесените одлуки за аболиција.

Во втората група поништени одлуки за помилување опфатени се 33 лица од вкупно 56 за кои на 12 април Иванов одлучи да потпише помилување.

Врз основа на член 84 став 1, алинеја 9 од Уставот на Република Македонија, член 1 од Законот за помилување и членот 11-а став 1 од Законот за дополнување на Законот за помилување, а во врска со член 114 став 1 од Кривичниот законик Претседателот на РМ ја донесе следната одлука:

Се поништува одлуката за помилување – ослободување од гонење, без спроведување постапка бр. 08-513/1 од 12.4.2016 за Љупчо Тодоровски, поранешниот шеф на Бирото за јавна безбедност, чие име е опфатено во првата одлука, но се среќава и во уште неколку одлуки.

Одлуката влегува на сила од денот на донесување, а ќе се објави во „Службен весник“ , стои во одлуката. Иванов преку соопштение информираше дека одлуките за поништување на преостанатите аболиции ги донел во понеделникот на 6 јуни.

Понатаму, во одлуките за поништување опфатен е и шефот на Петта управа, Горан Грујевски, осомничен во случајот „Тврдина“ за уништувањето на опремата за прислушување за кој Специјалното јавно обвинителство отвори постапка. Пред аболицијата од 12 април, Грујевски беше во домашен притвор.

Во одлуките за поништување повторно се наведени имињата на лицата кои, како што се претпоставува, се групирани според случаите за кои се евентуално осомничени. Во одлуката за поништување на одлуката за помилување за лицата Владислав Стајковиќ и Христијан Панев од Скопје не е наведено името на Коста Крпач кој со одлука со број 08/-545/1 од 12 април беше помилуван заедно со Панев и Стајковиќ.

Според Основното јавно обвинителство Скопје, кое ја води истрагата за смртта на Крпач, тој извршил самоубиство.

Денеска, од Јавното обвинителство само накусо одговорија дека истрагата во однос на останатите околности поврзани со смртта на Крпач е во тек и затоа не можат да бидат соопштени други детали јавно.

По поништувањето на одлуките за аболиција, од Кривичниот суд истакнаа дека ќе ги чекаат насоките на обвинителствата, основните и специјалното, во насока на тоа како ќе постапуваат по однос на предметите кои беа во истрага пред судија на претходна постапка, како и по предметите „Пуч“ и „Поткуп“ кои беа влезени во судска процедура.

М. С.