Објавени предложените измени на Законот за трговските друштва во врска со спојувањето со друштва од ЕУ
Министерството за економија го објави текстот на новите предложени измени на Законот за трговските друштва. Со Предлог-законот се воведуваат нови одредби кои се однесуваат на прекугранично спојување со друштва од Европската Унија и кои имаат цел доусогласување со европското законодавство во делот кој се однесува на делокругот на примената на овие одредби, начинот на објавување на заедничкиот предлог со условите за прекугранично спојување и учеството на вработените во одлучувањето во друштвото.
Од Министерството образложуваат дека во Националната програма за усогласување со законодавството на ЕУ, која се однесува на правото на трговските друштва, предвидено е доусогласување со директивите за прекугранично спојување на друштвата со ограничена одговорност. Измените, исто така, додаваат од Министерството за економија, се и врз основа на препораката од Извештајот на Европската комисија за прогресот на Република Македонија, од 2018 година.
Што претставува прекуграничното спојување?
Прекугранично спојување е постапка во која:
1) едно или повеќе друштва се присоединуваат (друштво/а што се присоединува/ат) кон друго друштво (друштво што презема) со пренос на целокупниот имот и на обврските на друштвото кое се присоединува, без да се спроведе негова ликвидација во замена за издавање на удели, акции и други хартии од вредност од основната главнина, на друштвото што презема на содружниците на друштвото што се присоединува и ако е можно разлика во пари што не надминува 10% од номиналната вредност, или во недостаток на номинална вредност, 10% од сметководствената вредност на примените удели, акции или други хартии од вредност;
2) две или повеќе друштва се спојуваат без да се спроведе ликвидација, со основање на едно ново друштво – корисник на кое преминува целокупниот имот и обврските на друштвата што се спојуваат, во замена за уделите, акциите, односно други хартии од вредност во основната главнина на новото друштво – корисник и ако е можно разлика во пари којашто не надминува 10% од номиналната вредност, или во недостаток на номинална вредност, 10% од сметководствената вредност на примените удели, акции или други хартии од вредност или
3) се врши универзален пренос на имотот и на обврските на едно друштво без да се спроведе негова ликвидација, на друштво коешто ги има сите или најмалку 90% од сите негови удели, акции, односно хартии од вредност.
Во постапката на прекугранично спојување, посочуваат од Министерството за економија, мора да учествуваат најмалку едно македонско друштво и едно друштво од Европската Унија. Предложените измени може да се коментираат на следниот линк.
Измени на Законот за трговските друштва во врска со спојувањето со друштва од ЕУ
М.В