/ Прочитано:

3.055

Облаците над Ѓавато, музиката на Синатра и македонското вино се среќата за Томас Танеф, американскиот „Супер адвокат“ со македонско потекло

„Она што сте го ветиле, исполнете го без разлика на цената што треба да ја платите“, порачува Томас Танеф, американскиот адвокат со македонско потекло кој наголемо собира титули и признанија низ САД, благодарение на својата успешна адвокатска кариера. Со свежи спомени од детството кое го поминал во Ѓавато и со голема љубов зборува за своите корени, роднините и пријателите од Македонија. Танеф е пензиониран почесен конзул на Македонија во САД; во американската сојузна држава Охајо, годинава по вторпат го прогласија за „Супер адвокат“.  

Томас Танеф е адвокат од Охајо кој се занимава со семејно и стопанско право. Во своето 24-годишно искуство како адвокат имал над 2000 успешни меѓународни посвојувања. Двапати по ред е избран за „Супер адвокат“ на Охајо, процес што вклучува стручни оцени, комисиски прегледи, како и независни истражувања за кандидатите, а пред неколку години Конгресот на САД го награди и за успешноста во постапките за посвојувања на деца.

Роден е во Битола, Ѓавато — место за кое го врзуваат најмногу спомени од детството. И покрај толку години минати во странство, каде ја ужива плодната кариера, со голем восхит зборува за своето родно место.

„Културно наследство, убавина, одлична храна, вино, и, се разбира, мојот народ — тоа за мене е Македонија. Се враќам во Македонија секогаш кога можам; за овие неколку децении сум дошол многупати. Во срцето најмногу го носам Ѓавато, ама не ги исклучувам и другите убавини на Битола, или, пак, на Охрид“, вели Танеф за Македонија.

Неговото одлично адвокатско резиме, вели, е резултат на многу труд и посветеност на работата.

„Ги благословувам моите родители кои ме насочија кон високо образование и вредно работење. Верувам дека секој што ќе даде 110%, од можни 100% во својата работа, ќе доживее успех без да се врти назад и да мери дали е награден за тоа. Секој што работи многу, ќе биде забележан! Еднакво битно е да настојувате да бидете опкружени со квалитетни луѓе додека го печалите занаетот. Јас имав среќа да учам од одлични ментори“, вели „Супер адвокатoт“ од Охајо.

Со македонскиот правен систем не е толку запознаен, но за американскиот коментира дека има пропусти. Според него, најголемата болка на тамошниот правен систем е  тоа што американските судови тешко успеваат да ги наплатат штетите од странките кои губат во постапката.

Кога станува збор за Македонија, со жар зборува за  грчко-македонскиот спор за името.

„Нашата Република секогаш била и ќе биде Македонија. Кога сум се родил, моите родители ми го дале моето име — како може некој сега да ми нареди да си го сменам името само да за ги уживам основните граѓанските права во земја-членка на европското семејство? Се разбира дека не може. Можно ли е една земја да врши притисок врз друга за таа да си го промени името? Тоа не смее да се дозволи! Ние сме горди на нашиот преубав мајчин јазик, ние сме мирна нација која бара само да биде третирана на фер начин“, смета Танеф.

Иако нашиот соговорник е меѓу највлијателните луѓе во Охајо, во неговата дефиниција за „среќа“ главно место заземаат малите задоволства.

„Мојата среќа е моето семејство што е крај мене, како и моето и нивното здравје. Вистински среќен сум кога седам на мојата тераса во викендицата во Ѓавато, пијам прекрасно вино на „Бовин“, го слушам Синатра и ги гледам облаците како го одминуваат Пелистер“, заклучува адвокат Томас Танеф.


Автор: Паула Божиновски

Објавено: 28.01.2013