/ Прочитано:

3.346

(ОБНОВЕНО) ПРЕДМЕТ „ТНТ“: „Космос“ на Фијат Цаноски урнат од одмазда поради различна политичка припадност

Како што истакна обвинителката Фатиме Фетаи, која го презентираше случајот, сега аболираните Груевски и Јанакиески преку градоначалникот Трајковски, кој е исто така аболиран, создале криминална спрега меѓу централната и локалната власт и со умисла, од одмазда поради излегувањето на Цаноски од владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и неговото приклучување кон опозициската СДСМ, подготвиле лажна документација за да го прикријат незаконското уривање на објектот „Космос“ кој бил во изградба.

1 sjo

Во новиот предмет што го отвори Специјалното јавно обвинителство под име „ТНТ“, покрај поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски, опфатени се четири лица кои се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување при спроведувањето на незаконското уривање на станбено-деловниот комплекс „Космос“ на Фијат Цаноски, претседател на ПЕИ.

Како што истакна обвинителката Фатиме Фетаи, која го презентираше случајот, сега аболираните Груевски и Јанакиески преку градоначалникот Трајковски, кој е исто така аболиран, создале криминална спрега меѓу централната и локалната власт и со умисла, од одмазда поради излегувањето на Цаноски од владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и неговото приклучување кон опозициската СДСМ, подготвиле лажна документација за да го прикријат незаконското уривање на објектот „Космос“ кој бил во изградба.

Од прибраниот доказен материјал произлегува дека Груевски и Јанакиески, со намера да му наштетат на Цаноски, искористувајќи ја својата политичка моќ, го поттикнале Трајковски да ја искористи својата функција и преку првоосомничената, овластен градежен инспектор во Секторот инспекциски работи во Одделението за урбанистичко-градежна инспекција, дала налог кој го барал, како што потенцира Фетаи, врвот на ВМРО-ДПМНЕ, да се најде начин незаконски да се урне објектот.

„Службеничката, за да ја реализира постапката за уривање на ‘Космос’, направила мерење на максималната височина на нултата плоча на градбата, без да постојат законски услови за мерење на таа височина и тоа без да биде изграден заштитен тротоар на градбата од страна на пристапната улица во однос на која требало да се изврши мерењето. При тоа составила записник со констатација дека целиот објект се градел спротивно на основниот проект, односно повисоко за 1 метар и 43 сантиметри, по што веднаш донела и незаконито решение за отстранување на градбата, со кое му наредила на инвеститорот ТД ‘ФИНЕ’ ДОО Скопје во рок од 5 дена од приемот на решението да ја отстрани градбата затоа што целиот објект наводно се градел спротивно на основниот проект и спротивно на одобрението за градба“, рече Фетаи.

Фатиме Фетаи

Специјалното јавно обвинителство во текот на пред истражната постапка изготвило и вештачење од страна на Архитектонскиот факултет во Скопје. Освен решението за уривање, Цаноски добил и заклучок за дозвола за извршување, со кој му наредиле да ја отстрани градбата во рок од три дена или да го допушти административното уривање на градбата.

Уривањето на „Космос“ со машини започнало на 1 август 2011 година, и покрај тоа што Цаноски на 5 август доставил стручно мислење од Архитектонскиот факултет дека одлуките за уривање на објектот се незаконски.

„Но динамиката на уривање не одела како што замислиле тогашниот премиер и тогашниот министер за транспорт и врски и тие повторно дале налог и го поттикнале градоначалникот да го сруши објектот со експлозив“, рече Фетаи.

Бидејќи немало доволно време за да биде законски спроведена таа постапка, градоначалникот злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластувањата и спротивно на Законот за јавни набавки и при вршење на јавната набавка ѝ нанел штета во висина од 2,9 милиони денари на Општина Гази Баба поради незаконско набавување динамит.

Постапката за уривање на „Космос“ без спроведување на јавна набавка и врз основа на устен договор ја извршило лицето Ф. И., сега починато, кое посредувало со сведокот М. Б. и со градоначалникот кои требале да го договорат начинот на избор на фирмите што требале да го спроведат уривањето, „Декатам трејд“, „Интеринженеринг комерц“, кои се сопственост на сведокот  и фирмата „Три М изградба“, каде што управител била ќерката на сведокот.

„Работата ја добила фирмата ‘Три ем изградба’, иако таа немала ниту дозвола ниту вршела дејност уривање со експлозивни материи“, потенцира Фетаи.

Прес Специјално јавно обвинителство предмет „Тортура“

Со ваквите дејствија, на инвеститорот ТД „ФИНЕ“ ДОО Скопје му е нанесена штета во износ од 14,9 милиони евра, односно колку што дотогаш изнесувала инвестицијата на објектот, а Цаноски бара 58,8 милиони евра отштета по повеќе основи.

Како што истакна Фетаи, со наведените дејствија првоосомничената сторила кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 страв 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, а за второосомничениот, за третоосомничениот и за четвртоосомничениот, кои биле службени лица во Комисијата за јавни набавки во Општина Гази Баба, постои основано сомнение дека сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од членот 353 став 5 во врска со став 1 во врска со членот 22 од КЗ.

Од Кривичниот суд во Скопје против нив ќе бидат побарани соодветни мерки за нивно обезбедување и за нивно присуство во текот на постапката. Какви мерки против осомничените ќе побара СЈО, ќе биде соопштено во текот на наредните денови.

На прашање на новинарите дали постојат сомневања за насилна смрт на починатото лице кое се јавува во случајот како посредник, а кој бил во блиска комуникација со министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, за што обвинителите прикажаа и пораки од нивна меѓусебна комуникација, обвинителката Ленче Ристоска соопшти дека не постојат никакви сомневања дека тој е ликвидиран или дека починал од насилна смрт.

Ристоска истакна дека во текот на постапката најверојатно ќе бидат предложени и мерки за обезбедување на имотот на осомничените.

„Иако во овој случај за извршување на целокупните криминални активности за кои постои основано сомнение дека се извршени, наредба и подршка имало од највисокото тогашно раководство на државата и навидум се е покриено формалноправно и документациски, сепак уште еднаш се докажува дека не постои совршен злостор“, заврши Фетаи.

Марија Севриева