/ Прочитано:

1.331

(ОБНОВЕНО) Според судијата во „Ровер“ нема пречки Бошковски да излезе од „Идризово“

Во март, кога се очекуваше тој да биде пуштен на слобода, директорот на затворот Живко Пејковски преку соопштение истакна дека Бошковски не може да излезе од затвор поради постапката што се води против него за случајот „Ровер“.

 

boshkovski-sudene.jpg

8 април 2016 – Судечкиот судија во предметот „Ровер“, Илија Трпков, на денешното рочиште истакна дека не постојат законски пречки Љубе Бошковски да излезе од затворот „Идризово“ три месеци пред истекот на петгодишната казна затвор која ја издржува за случајот „Кампања“.

„Ние на записник поставивме прашање дали постоеле пречки досега, а веројатно и понатаму, во процесот ‘Ровер’, кои би го ограничиле правото што му следува на господинот Бошковски да излезе од затвор три месеци пред истекот на казната. На записник, судијата истакна дека не постојат никакви пречки и ограничувања на кои досега се повикуваше директорот на затворот“, изјави адвокатот на Бошковски, Константин Кратовалиев.

Според него, ова значи дека цели 30 дена господинот Бошковски се наоѓа во немилост на директорот на „Идризово“ и на неговото толкување на одредбата од членот 206, каде што во ставот 1 децидно се наведени условите под кои едно лице излегува, во случајот на Бошковски три месеци пред истекот на казната од затворот, а во ставот 2 дека со општ акт на директорот на санкции, значи неговиот надреден, се утврдуваат условите со кои тоа лице може да излезе.

„Повикувањето на некои дискрециони права во вид на самовластие кое сега го спроведува директорот на ‘Идризово’, претставува продолжување на тортурата и психичкото насилство што се извршува врз Бошковски“, вели неговиот адвокат.

boshkovski-1.jpg

Кратовалиев додава дека оваа одредба се спроведува врз стотици други затвореници кои имаат послабо поведение, но не и врз неговиот клиент Бошковски. Според него, зачудува поведението на институциите што треба да го обезбедат спроведувањето на законот, кои во овој случај не реагираат.

Одбраната на Бошковски уште во февруари го испратила барањето до Управата на затворот, која го добила и известувањето од Судот дека не постојат законски пречки за Бошкоски да излезе од „Идризово“.

Во март, кога се очекуваше тој да биде пуштен на слобода, директорот на затворот Живко Пејковски преку соопштение истакна дека Бошковски не може да излезе од затвор поради постапката што се води против него за случајот „Ровер“.

Одбраната на Бошкоски, исто така, уште на почетокот на третото повторено судење побара Специјалното јавно обвинителство да го преземе предметот. За таа цел одбраната достави и документи до СЈО со кои бараа тоа да ја има надлежноста над „Ровер“.

Од СЈО денеска велат дека сè уште немаат нови информации поврзани со надлежноста на предметот „Ровер“.

Денешното рочиште за случајот „Ровер“ беше одложено поради отсуство на обвинетиот Сашо Јовановски кој имал здравствени проблеми.

Со пресудата на Кривичниот суд, Предраг Чубрило, Милан Илиќ и Милорад Ковачевиќ добија казна доживотен затвор, Вук Вукичевиќ доби 15 години затвор, Бошкоски доби затвор од 10 години и шест месеци, првиот човек на обезбедувањето на Бошкоски, инспекторот Зоран Трајковски, доби осум години и шест месеци, по седум години добија Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ, а по пет години и шест месеци Гоце Митревски и Никола Негриевски.

Обвинетите се товарат за убиствата на Марјан Тушевски и Киро Јанев што се случија во Скопје, во јули 2001 година.

М.С.