/ Прочитано:

1.810

Обраќање на Тереза Меј до британската јавност: Велика Британија мора да го напушти единствениот европски пазар

Во својот говор, Меј потенцираше дека Британија ќе создаде ново и еднакво партнерство со Европската Унија, но дека нема намера да усвои модел на партнерство со ЕУ како што имаат Швајцарија или Норвешка. „Делумно членство во Европската Унија, асоцијативно членство, или што било друго што ќе нѐ остави половина внатре а половина надвор, е неприфатливо за Велика Британија. Не се обидуваме да усвоиме модел кој го користат некои земји. Не сакаме да задржиме делчиња од членството при заминувањето. Сакаме да ги купуваме вашите производи, да ви ги продаваме нашите, да тргуваме со вас колку што е можно послободно, и да соработуваме во интерес на побезбедна, посигурна и просперитетна иднина преку континуирано пријателство“, порача Меј денеска од Ланкастер хаус.

Тереза Меј

Премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, во денешното обраќање до јавноста изјави дека Велика Британија не може да остане дел од единствениот европски пазар бидејќи тоа би значело дека воопшто не ја напуштила Европската Унија. Во својот говор, Меј потенцираше дека Британија ќе создаде ново и еднакво партнерство со Европската Унија, но дека нема намера да усвои модел на партнерство со ЕУ како што имаат Швајцарија или Норвешка.

„Делумно членство во Европската Унија, асоцијативно членство, или што било друго што ќе нѐ остави половина внатре а половина надвор, е неприфатливо за Велика Британија. Не се обидуваме да усвоиме модел кој го користат некои земји. Не сакаме да задржиме делчиња од членството при заминувањето. Сакаме да ги купуваме вашите производи, да ви ги продаваме нашите, да тргуваме со вас колку што е можно послободно, и да соработуваме во интерес на побезбедна, посигурна и просперитетна иднина преку континуирано пријателство“, порача Меј денеска од Ланкастер хаус.

Премиерката најави 12 приоритети во преговорите за излез на Британија од европскиот блок, меѓу кои и тоа дека двата дома на Парламентот ќе гласаат за  конечниот договор меѓу Велика Британија и Европската Унија пред да стапи во сила договорот, како и тоа дека Британија ќе преземе целосна контрола над границите.

Во своето настојување да ги намали стравувањата дека Британија по Брегзит ќе стане изолирана држава, премиерката нагласи дека сака Обединетото Кралство да стане држава која ќе биде посилна, поправедна и пообединета од претходно.

Говорот на Тереза Меј наиде на остра критика од страна на опозицијата во Велика Британија. Претседателот на Лабуристичката партија, Џереми Корбин, истакна дека обраќањето на Меј упатува на тоа дека Велика Британија во преговорите за излегување од Европската Унија ќе настојува да седи на два стола.

„Таа рече дека Велика Британија сака да го напушти единствениот европски пазар, а истовремено дека сака да има и пристап до него. Не сум сигурен како ќе биде прифатено тоа од страна на ЕУ“, изјави Корбин.

Според Тим Фарон, лидерот на либералните демократи, Меј денеска предложила „екстремна верзија“ на Брегзит, која ќе ѝ нанесе сериозна штета на британската економија.

Британската премиерка претходно изјави дека најдоцна до март оваа година ќе го активира членот 50 од Лисабонскиот договор, но денеска нагласи дека во наредните две години очекува да биде постигнат договорот со ЕУ за излез од европскиот блок и дека целокупниот процес ќе се одвива во неколку фази.

А. Б.