ОБСЕ го презентираше вториот извештај за предметите во надлежност на СЈО
Мисијата на ОБСЕ во Скопје денеска го презентираше вториот преоден извештај за активностите и предметите во надлежност на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Шефот на Мисијата на ОБСЕ, Клеменс Која, денеска ги повика сите партии да постигнат согласност и да се овозможи СЈО да продолжи непречено да работи. Но, Која нагласи и дека е важно СЈО да продолжи да работи на независен и професионален начин.
Заклучоците од извештајот на денешниот настан ги презентираше Марија Лаура Фероли, офицер за владеење на правото во Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Вториот преоден извештај на Мисијата на ОБСЕ во Скопје за активностите и предметите во надлежност на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) следува по објавувањето на првиот преоден извештај во август 2018 година, кој се однесуваше на првичната фаза од активностите на СЈО.
Овој втор преоден извештај содржи анализа на набљудуваните судски предмети во периодот помеѓу ноември 2016 и ноември 2018 година, односно во двете години од почетокот на првиот судски процес на СЈО.
По самиот вовед, во кој се посочени опфатот и користената методологија, во второто поглавје од извештајот се анализираат законските одредби и практиката во однос на присуството на обвинетите на судењата. Иако стапката на отсуство на обвинетите не е прекумерно висока (14%), тоа е главната причина за одлагање на расправите.
Во поглавјето е посочено дека постојната законска рамка не предвидува соодветни алатки за постапување на судот, во околности кога обвинетите самоволно одлучуваат да не се појават на сопственото судење. Покрај тоа, во поглавјето се говори и за обвинетите во предметите на СЈО кои ја избегнаа правдата бегајќи во други држави.,
Согласно со постојните законски одредби, може да помине значителен временски период, од моментот на носење на правосилната пресуда, до моментот кога осуденото лице е должно самото да се пријави за отслужување на затворската казна (или до моментот кога тоа ќе биде лишено од слобода од надлежните органи), во текот на кој осуденикот може да избега.
Во третото поглавје се разгледуваат прашањата на ефикасност и експедитивност. Иако се бележи значителен напредок во однос на динамиката на судењата во периодот помеѓу 2017 и 2018 година, како и општата стапка на одлагање на судските расправи (33%) која не е прекумерно висока, во поглавјето се говори и за другите причини за одлагање на судските постапки во кои учествува СЈО.
Првата од нив е неподготвеноста на судиите да преземат активна улога во управувањето со предметите и нивниот неуспех во адресирањето и разрешувањето на процесните прашања во претходната постапка, пред почетокот на самиот судски процес, што води кон долги дебати во судниците и одлагање на почетокот на доказната постапка во судскиот процес. Втората причина е несоодветниот избор на сведоци и материјални докази од страна на странките, како и неефективната презентација на нивната аргументација во текот на судењето, кои, дополнети со недоволната контрола и корекции од страна на судот, водат кон изведување на докази, кои се чинат излишни или чија поврзаност со обвинителниот акт не е секогаш јасна.
Во четвртото поглавје се говори за некои од приговорите што одбраната ги има вложувано во предметите на СЈО, со посебен акцент врз оние поврзани со споделувањето на доказите по завршетокот на истрагата. СЈО ја исполнуваше својата обврска за овозможување пристап до предметните списи за одбраната, а на адвокатите на одбраната им обезбедуваше и компакт-дискови со собраните докази кои одат во прилог на обвиненијата.
Меѓутоа, СЈО, за потребите на одбраната, не обезбедуваше и копии од прислушуваните разговори, од причини што и понатаму остануваат неразјаснети. Покрај тоа, судот ја поддржа таквата одлука на СЈО, без да даде соодветно образложение за сопствената одлука.
Во ова поглавје се говори и за поплаките на одбраната, во однос на динамиката со која се одвиваат судските процеси на СЈО. Според адвокатите на одбраната, поради бројните расправи за предметите на СЈО, кои се закажуваат во текот на една седмица, одбраната нема доволно време соодветно да се подготви за судењето.
Изведениот заклучок е дека, имајќи ги предвид меѓународните стандарди за фер и правично судење, се чини дека ваквите поплаки не се основани, затоа што проблемот не е поврзан со динамиката на одвивање на поединечните предмети, туку со фактот што некои од адвокатите постапуваат пред судот во повеќе предмети истовремено.
Во петтото поглавје се аналзира процесот на распоредување на судиите за постапување по предметите на СЈО од страна на претседателот на судот. Во периодот од декември 2016 година до јануари 2018 година, организациската поставеност на Основниот суд Скопје 1 се менуваше три пати, по основ на донесените одлуки од тројца различни претседатели на судот (двајца од нив беа вршители на должност претседател на судот). Ова беше причина за појава на негативни оценки во јавноста, во однос на независноста и непристрасноста на судството.
Изведениот заклучок во поглавјето е дека леснотијата со која судиите можат да се преместуваат од еден во друг оддел во судовите претставува причина за загриженост и тоа не е во согласност со најдобрата меѓународна практика – минимални стандарди за неменливост на судиите и распределба на судските предмети. На крајот од извештајот се дадени неколку препораки за учесниците во судските процеси, како и за законодавната и за извршната власт. Препораките се насочени кон изнаоѓање решенија за идентификуваните прашања во извештајот, со цел да се подобрат ефикасноста и правичноста на судските постапки во кои учествува СЈО, како и на сите други судски постапки.
Мисијата на ОБСЕ го објави извештајот за активностите и предметите во надлежност на СЈО
М.В